Не поминува дежурство на Клиниката токсикологија во ноќните часови без прием на пациенти поради предозираност со кокаин, алкохол и вијагра, изјави вчера за ТВ Телма проф. д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија. Тој вели дека она што загрижува е возраста на ваквите пациенти, која е на околу 30 години.
За состојбите со употребата на кокаин во земјава, д-р Беќаровски вели дека алармантно е што се појавиле 20 форми на лажен кокаин, со многу примеси, што го прави многу поопасен за оние што го консумираат.
„Кога ќе го видите пациентот, веднаш знаете дали зел чист коканин или со примеси. За жал, многу од тие џет-сет забави кои се одвиваат во градот се изворот од каде доаѓаат многу пацинети кои се предозирани со кокаин, тогаш се работи за чист кокаин. Тоа нашата лабораторија го докажува. Меѓутоа, на пазарот има, се појавија 20 форми на т.н. фејк коканин, кој е сличен по хемиската формула, меѓутоа има многу понесакани ефекти од вистинскиот кокаин. И очигледно е распространет кај нас“ – вели Беќаровски.
Вели дека цената на квалитетен кокаин сега е околу 100 евра за грам.
„Можете да претпоставите кој може да си го дозволи. Но, доаѓаат пациенти кои тврдат дека го земале за 20 или 15 евра и тогаш е со примеси на гипс, лимонтус, креда и што сѐ не, а немаме докажано“ – вели професорот.