-Вистинскиот криминал е во владата, а не во општина Гостивар, порача градоначалникот Невзат Бејта, откако вчера неговата канцеларија ја посети финансиската полиција.
Тој тврди дека ова е реваншизам на Никола Груевски, бидејќи инспекторите го посетиле веднаш по неговата ијзава дека Албанците не сакаат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на финансиската полиција пак, Александар Тргачевски, преку соопштение ги демантира обвинувањата на Бејта и вели дека тие постапуваат по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
-Финансиската полиција најстрого ги осудува сите обиди за политизирање на случајот и негово употребување за дневно политички цели. Во интерес на предистражната постапка која согласно законот е тајна, нема да соопштиме дополнителни информации- се наведува во соопштението.
Сепак, од таму не ја откриваат причината за нивната посета кај градоначалникот Бејта. Наводно, предмет на проверките е инфраструктурен проект на општината во селото Тумчовиште кој чинел 80 илјади евра или истиот проект кој претставуше пат којшто ги поврза селата Тумчовиште и Чегране, а на коешто отворање Бејта и Груевски заедно сечеа лента.