Бејли и Тимоние изборот на Џафери го оцениле како прв чекор кон стабилизација

by fokus

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери денеска имаше  одделни средби со амбасадорите на САД и на Франција Џес Бејли и Кристиан Тимоние.

Дипломатите му го честитале изборот на Џафери на функцијата претседател на Собранието, оценувајќи го како прв и мошне важен чекор во консолидација и стабилизација на политичката ситуација во Република Македонија, соопштија од собраниската Прес служба.

Џафери ги информирал за преземените чекори во таа насока, за процедурата пропишана со Уставот, Законот за Собрание и Деловникот, подвлекувајќи дека тој е должен да ги спроведе и одговара за сите негови ингеренции откако ќе му биде доставен Предлог за состав на Влада и Програма за работа на истата.

Биле разменети конструктивни мислења и по други актуелни и сензитивни прашања поврзани со немилите настани од 27 април, за новонастанатите околности и одредени перцепции по преземањето на функцијата претседател на Собранието, за модалитетите на нивното решавање и надминување, како и за местото, улогата и дејствувањето на сите државни институции, особено трите највисоки, во наредниот период.

Било изразено очекување дека и кај двете страни ќе преовлада чувството на висока политички свест и одговорност над одредени наметнати или испровоцирани состојби, како би се смириле тензиите и мирно би се трасирал патот за воспоставување на демократските процеси во државата.

Поврзани новости