Очајот ги тера бегалците да бегаат од Идомени, каде се блокирани речиси 14.000 луѓе и од каде само во последните неколку часа заминале околу 800 лица, со надеж дека ќе бидат сместени во постоечките прифатни центри во реонот, објави грчкиот инфо сајт Њуз.ин, пренесе МИА.
Портпаролот на грчкото Координативно тело за справување со бегалската криза, Јоргос Кирицис синоќа изјави дека бегалците кои сега се наоѓаат на преминот Идомени на грчката страна од границата кон Македонија, доброволно ќе го напуштат ова место за една до две недели и ќе бидат преместени во некој од организираните прифатни центри.
Според него, при ова предност ќе им биде дадена на семејствата со деца. Кирицис нагласи дека полицијата нема насила да ги отстранува бегалците, туку дека ќе ги информира за затворањето на балканската багалска рута и дека не ќе може да заминат на север, за што ќе биде потребно извесно време.
Според него, целта на грчките власти е да ги убедат бегалците дека балканската рута е затворена, дека тоа е одговорност на северните соседи и дека мора да ги следат нивните упатства и да отидат во други кампови, каде ќе им биде обебзедно елиментарно сместување и храна до разрешувањето на ситуацијата.