Бегалци и Забегани

by Фокус

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Сум видел во животот многу несреќи и многу несреќни луѓе, сум ја почувствувал длабоко болката на обесправени од сите вери и од сите нации. Но, никогаш не сум се сретнал со болка и несреќа по голема од бегалската. Разбегани фамилии со убиени и масакрирани драги луѓе, со силувана чест и достоинство, без дом и без татковина, без нигде никого. Една торба на рамото и еден друм што води кон непознатото, талкање со премногу јад и со само трошка надеж.

А надежта би требало да бидеме ние што Алах не поштедил од злата судбина, ама Тој не не штеди само формално. Севишниот Творец и Владетел на Световите наредил човекот за човекот да биде брат,не волк. Тој не створил различни за да се запознаеме подобро и да се сакаме и почитуваме  а не да се мразиме, не да ги блокираме по граници луѓето што бегаат од разни злотвори за да спасат жива глава, не да ги плашиме веќе исплашените бегалци со шок бомби, не да ги пљачкосуваме и да им наплатуваме, за нив, астрономски цени за нешто што би требало да им го понудиме од милост и од љубов, од човечност.

За жал и за наша несреќа, на унесреќените кои што бегалските непознати патишта ги наведоа во Македонија, ние не успеавме да им понудиме ниту насмевка, а камо ли надеж. Многу сум свесен за сиромаштвото и неможноста на оваа држава да се справи со бегалски кризи од по големи размери но никако и никогаш нема да ги разберам ситните души и скоро садистичкото изживување на одредени луѓе и кругови во мојата земја над жени и деца на кои им е потребно само едно шише вода и еден убав збор, малку одмор и можност да си го продолжат патешествието. Се сеќавам како денес кога за времето на екзодусот на косоварите, господинот Глигоров предлагаше како решение да им се овозможи на бегалците Албанци коридор за Албанија за да не останат, не дај Боже, во Македонија. А даде Бог и останаа многумина и го дочекаа ослободувањето на Косово како гости во нашите семејства. Се сеќавам многу добро и на изјавата на наследникот на гоподинот Глигоров, Трајковски, кој што во то време беше некојси заменик на министер, кога на инсистирањето на меѓународната заедница да им се помогне на жртвите на етничкото чистење одговори со чудна арогантност- ако ви е жал за тие луѓе, земете си ги кај вас. Не сум сигурен дека од тие времиња нешто многу е изменето во нашава земја во поглед на институционалната хуманост, но за среќа, и тогаш имаше, и сега во Македонија има добри луѓе, без оглед на нивната етничка и верска припадност и без оглед на припадноста на бегалците. Таквите добри луѓе ми влеваат надеж кога ме обзема разочараноста од очигледното непочитување на Божјите заповеди што се однесуваат на унесреќените. Но, ми останува да жалам што во сите ситуации кога Македонија била транзитна линија за бегалци од војни,по коректниот однос кон нив мораше да биде потикнат од надвор, од меѓународната заедница. Жалам што пред некој ден толку грди слики за нашиот однос кон бегалците се вртеа низ светските медиуми и што толку многу пријатели, дипломати и државници,вџашено ме прашуваа на телефон како е можно да се случува тоа што го гледаат. Македонија-и се е можно, си мислев во себе додека се обидував да им објаснам дека ќе биде по добри и дека работите ќе се исправат.

Да, во животот се е можно. Можно е бегајќи од ИСИС и од нивните злосторства, Сиријци што никогаш не слушнале за Македонија да се најдат во неа и да доживеат луѓето што декларативно се изјаснуваат како противници на таа организација да ги третираат нивните жртви на толку нечовечен начин. Ама, ако животот е најдобриот сценарист, ете ви, драги мои, една предпоставена ситуација што никој не ја пожелува но која што теоретски е можна: Некои забегани кои што не недостигаат баш многу во земјава, предизвикуваат војна. Границите ни ги блокираат,дури и таа кај Табановце. Албанците бегаат во Албанија и во Косово. Грците, којзнае зошто, им отваараат коридор на Македонците христијани. Но, тој коридор е всушност оној ист друм што ги води во моментов Сиријците во непознато, само што насоката е обратна… Бегалци Македонци во Сирија, тоа е невозможно ќе кажете.

Да, ама незамисливо им било до пред некое време и на Сиријците дека можат да залутаат како бегалци во Македонија. Патиштата Божји се чудни нели. Денес. Затоа, ајде да им подариме насмевка на бегалците и ајде да бидеме ние таа трошка надеж што им е толку потребна, тие и така не мислат и не сакаат да се задржат во држава каде што и нејзините жители не се многу среќни и сигурни во својата иднина. И, истото да го сториме и утре ако, случајно ни дојдат бегалци христијани. Ние,луѓето што живееме во Македонија дефинитивно не сме забегани, забегани се тие што уживаат во болката на другите. Бегалци и Забегани имаме во моментов во Македонија. Зарем не е јасно која страна треба да ја држат добрите Муслимани и добрите Христијани ?

Поврзани новости