Фирмата „БЕГ производство“ која е дел од Групацијата Балкан Енерџи Груп, е пред отворање на стечајна постапка. Фирмата не може да ги сервисира своите редовни обврски и има високи долгови кон своите доверители. Поради тоа до судот поднесено е барање за отворање на стечај, што би значело ликвидирање или реорганизирање на оваа компанија.
„Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје“ започна со работа во ноември 2012 година. Основна и единствена дејност на работењето на компанијата е производство на топлинска енергија, додека БЕГ снабдување ја врши дистрибуцијата до крајните корисници. Групацијата БЕГ снабдува со топлинска енергија седум општини во Скопје.
Според неофицијални информации фирмата ќерка на Групацијата БЕГ е веќе со години инсолвентна. Долговите кои не може да ги исплати ја однеле фирмата на суд. Во тек се десет судски процеси само со „Топлификација АД Скопје“. Еден од нив резултирал со пресуда според која „БЕГ производство“ мора да и плати неколку милиони евра на „Топлификација“.
Токму ова акционерско друштво го поднело до суд предлогот за отворање на стечајна постапка. Зад предлогот стои и Трговско друштво за монтажа, инжинеринг, трговија и угостителство КРАТЕР ДООЕЛ увоз – извоз Илинден. На 13-ти април судот донел решение за испитување на условите за отворање на стечај, а судското рочиште за изјаснување по предлогот е закажано за следниот месец. Веќе е определен и привремен стечаен управник, велат од судот за „Фокус“.
Дали фирмата ќерка на Групацијата БЕГ ќе се добие катанец на врата и како тоа ќе влијае на мрежата која ги опслужува повеќе од половина од корисниците на парно греење во Скопје, ќе се знае по судското рочиште на кое ќе се произнесат странките. За сега нема официјални изјави од фирмата – што ја доведе до предстечајна постапка и колку изнесуваат вкупните долгови.
„БЕГ производство“ и „Топлификација“ се фирми конкурентни, но и соработуваат. Во 2013 година потпишаа договор со кој „Толификација“ и ги дава на БЕГ под закуп основните средства неопходни за вршење на дејноста производство на топлина. Фирмата речиси и да нема свој имот, а веќе е јасно и дека нема пари да ги сервисира обврските. Во оваа компанија работат 103 луѓе.
Групацијата БЕГ, во чија сопственост е „БЕГ производство“ е главен снабдувач на топлинска енергија во Скопје. Против неа веќе три години се одржуваат протести на граѓани кои одбиваат да плаќаат сметки за парно затоа што се исклучени од мрежата на „Топлификација“. Нивниот апел дека не сакаат да плаќаат за услуга што не ја користат до сега не успеа да допре до раководните структури на Групацијата. Се уште чекаат актуелната власт да го исполни ветувањето кое им го даде додека беше опозиција, и да го укине правилникот на Регулаторна комисија за енергетика, според кој БЕГ им наплаќа паушал за парно.
М.В.