Пратеникот на ДУИ и поранешен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, тврди дека не располагал со информации, ниту поседувал снимки, според кои во претседателската сила на Водно лани во март се одржала средба меѓу претставници на тогашниот државен врв и на меѓународната заедница, на која се разговарало за враќање во земјава на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Се обраќам со овој демант, како моја уставна гаранција, до сите медиуми во државава и барам веднаш и без одлагање да биде демантот објавен на сите телевизии, весници и портали со приближно ист отстапен простор како за нивните клеветнички текстови и прилози со наслови или најави како Екслклузивни детали од неуспешната операција за враќање на Груевски.
Воедно, барам и јавно да ми се извинат сите телевизии и портали за изнесените клевети и навреди согласно чл.13 и чл. 14 од Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, како би ја ублажиле штетата која веќе ми ја нанесовте и би го намалиле износот за надомест на штета.
Ниту некогаш до мене од страна на некој свиркач или вработен во кабинетот на Претседателот на државата е доставен било каков аудио или видео запис ниту пак сум добил некаква информација за било каква средба со политичари на која било разговарано враќање на Никола Груевски. Од тука не сум имал никаква информација или снимка која би можел некому да ја проследам.
Како политичар согласен сум да бидам под лупата на јавноста и медиумите за мојата работа, да бидам критикуван до степен дури и на провокација, но нема да дозволам да ми се импутираат невистини и клевети дека сум поседувал и дистрибуирал на неовластено снимани комуникации кои сами по себе се кривично дело.
Од тука доколку ваквите клевети не бидат веднаш повлечени од сите медиуми и не добијам јавно извинување, против секоја телевизија, весник, неделна публикација и против секој портал ќе поведам постапки за надомест на штета за ова клеветење. Оваа непроверена и клеветничка вест ќе мора да ја докажувате на суд, за кое нешто нема да успеете да се докажете, бидејќи станува збор за ноторна лага и клевета“, стои во реакцијата на Беџети.
Инаку, најновиот број на неделникот „Фокус“ објави досега непознати информации во врска со неуспешниот обид за враќање во земјава на поранешниот премиер Груевски, како и за причините за пропаѓање на оваа компликувана предизборна операција. Притоа, обезбедивме информации од повеќе релевантни политички и дипломатски извори и за фамозната средба во претседателската вила на Водно.
Имено, на оваа средба, одржана лани во март, присуствувале Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Бујар Османи, Анџела Агелер и Дејвид Гир. Притоа, Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на 2 начина – преку помилување од претседателот или преку судовите. Всушност, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на рамковно вработен административец.
Додека траеле „тајните“ разговори, ова лице влегло во кабина на преведувач, успеал да го сними разговорот со телефон и на крајот снимката му ја предава на Беџети, кој тогаш е дел од „огнената група“ во ДУИ. На тој начин, содржината од аудиоснимката, претходно симната на хартија, завршува во раце на Христијан Мицкоски, бидејќи во тоа време „огнените“ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети.
Откако Пендаровски одбива да го помилува Груевски, а Ковачевски на средба со Ентони Блинкен во САД вели дека без нивна помош не може да се истуркаат уставните измени, од амбасадата на САД излегува нон-пејпер, кој, меѓу другото, предвидува активирање делови од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако не бил конкретно споменат, очигледно се алудирало на Груевски, поради кој практично се донесени измените на Кривичниот законик, со цел да се охрабри да почне да дејствува уште од Будимпешта. Меѓутоа, тој барал целосно чиста ситуација за да може да се врати во земјава по што ДУИ почнува да ја турка амнестијата на Ѓорге Иванов преку Врховниот суд.
Сепак, интегративците прават лоша проценка дека ќе придобијат доволен број врховни судии, па целата работа почнува да се компликува и да излегува од контрола и на крајот – операцијата пропаѓа, а своја улога и придонес за тоа имале и Зоран Заев и Виктор Орбан.
По излегувањето на оваа сторија во „Фокус“, се огласи албанската владејачка коалиција ВЛЕН, која селективно презентираше дел од објавените информации, по што реагираше опозициската ДУИ, но тоа повеќе претставуваше реакција кон политички противник, отколку уверлив демант на изнесените наводи. Неколку дена подоцна, пак, реагираше и Беџети со демант, кој го пренесовме во целост.
Влатко Стојановски