Град Скопје на чело со градоначалникот Петре Шилегов пред неколку дена најави дека започнува градежна офанзива за изградба и реконструкција на градски сообраќајници во вкупна вредност од 760 милиони денари или над 12 милиони евра. Во рамки на оваа градежна офанзива, која е предвидено да трае во тековната и во наредната 2011 година, веќе се склучени договори со неколку приватни компании за повеќе градски сообраќајници.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, Градот досега најплодна соработка остварил со скопската компанија „Бауер БГ“, со која склучил два договори во вкупна вредност од 87 милиони денари. Имено, двете страни склучиле договор за изградба на улицата „Есенинова“ и на подземни бунари со линиски системи, чија вредност изнесува 72 милиони денари. Истовремено, тие склучиле уште еден договор во вредност од 15 милиони денари, кој се однесува за реконструкција и одржување на дел од улицата „Никола Карев“.
Потоа, Градот склучил поголем договор и со компанијата „Вато“ од скопско Студеничани за реконструкција и одржување на булеварот „Александар Македонски“ (фаза 1), чија вредност надминува 75 милиони денари. Но, оваа компанија во постапката не учествувала самостојно, туку во група со бугарската компанија „Хидрострој“, која го градеше новиот водоснабдителен систем во гевгелиско. Македонската компанија, како носител на конзорциумот, доставила најниска цена како единствен учесник во наддавањето, иако нејзината првична понуда била рангирана на петтото место.
Понатаму, Градот склучил договор и со струмичката компанија „Жикол“ за реконструкција на улицата „Македонско-Косовска Бригада“, во делот од раскрсницата со булевар „Никола Карев“ до раскрсницата со улицата „2-ра Македонска Бригада“. Вредноста на овој договор изнесува скоро 56 милиони денари, колку што струмичката компанија понудила како единствен учесник на електронската аукција, иако првични понуди доставиле уште 6 компании. Со други зборови, и во овој случај ниту една друга компанија што ја минала евалуациската фаза не учествувала во наддавањето со избраниот понудувач.
Воедно, Градот спровел уште неколку тендерски постапки за изградба и реконструкција на скопски улици и сообраќајници, во чии рамки биле склучени пониски договори во споредба со претходните. Еден од нив е договорот со компанијата „Топ Билд“ за булеварот „Видое Смилевски-Бато“ во вредност од 27.3 милиони денари. Покрај тоа, „Ескаватори-МК“ го добил тендерот за реконструкција дел од „Џон Кенеди“ вреден нецели 26 милиони денари, додека „Битем“ го добил тендерот за реконструкција на „Лазар Личеноски“ (фаза 2) од околу 17.5 милиони денари.
Кога ќе се соберат сите овие 7 договори за јавна набавка произлегува дека Град Скопје досега склучил договори за изградба и реконструкција на сообраќајници во вкупна вредност од 286.8 милиони денари или 4.6 милиони евра. Тоа претставува значителна сума издвоена за краток период, но сепак не е ниту половина од сумата што, според официјалните најави, се планира да се потроши за патна инфраструктура во главниот град оваа и следната година.
Од Градот најавија дека до крајот на годината предвидено е да завршат постапките за јавни набавки и да започнат изградбите и реконструкциите на следните сообраќајници: бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, бул. Киро Глигоров, бул. 11 октомври, ул. Македонско-косовска бригада, ул. Васил Ѓоргов, ул. Благоја Стефковски, ул. Лазар Трповски, ул. Љубљанска (со мост преку Вардар до ул. Скупи, а подоцна до бул. Словенија) итн.
Влатко Стојановски