Јас воопшто не сум во дилема како да го започнам ова писмо! Јас како морален, чесен, непристрасен и одговорен човек како и човек раководител на институцијата Агенција за филм на Република Македонија согласно деловната етиката на однесување ќе ви се обратам на следниов начин:
Почитуван Дарко Митревски, режисер
Вашето испратено отворено писмо е писмо кое е исполнето со гнев и лутина, која што јас искрејно како човек и раководител на институцијата не можам воопшто да ја поврзам со она кое што вие го напоменувате во истото.
Пред да започнам со одговор на сите ваши прашања, би сакал да го истакнам следново: Институцијата заради која вие говорите дека ви црвенеат образите пред американските партнери е институција која во изминатите години изгради угледно реноме на домашно, меѓународно и регионално ниво. Филмскиот фонд, односно Агенцијата за филм на Република Македонија согласно воспоставените мерки, механизми, дадени поддршки како и применети практики кои се доближуваат до европските, веќе е издвоена на интернационално ниво како институција која од година во година се повеќе го зголемува своето препознавање и делување на меѓународниот пазар како и вооедно се вбројува како институција атрактивна за копродукции. Пред две години нашата институција беше издвоена во дваесетте најпрогресивни филмски фондови на првиот светски собир на филмските фондови каде се разменуваа врвните искуства на ваквите институции. Со законот за филмската дејност направени се чекори за уште поголем развој на филмската дејност, во кој точно е дека има пропишано увид во Наменско и Законско трошење на средствата, контрола и извештаи кои ги има во сите земји. Се прашувам зошто на дел од филмските работици не им се допаѓа оваа регулатива! Можеби затоа што сметате дека може да ги трошите државните средства без никому да дадете отчет. Во оваа држава и во оваа влада ова е еден од најзначајните постулати е отчет на институциите, отчет кон граѓаните на оваа држава.
Неблагодарно е јас самиот за себе да говорам за моето делување, како дирeктор! За да си дадете самиот себе си одговор доволно е само да направите пресек на препознатливоста на македонската кинематографија на меѓународно ниво, посетеноста на фестивали, создадена мрежа на контакти, а да не говориме и за обемноста на производството, која не може ни да се спореди со минатото… Да бројките ќе ве изненадат и можеби нема да ви се допаднат, зошто групата која вие ја застапувате и која се крие позади вашето отворено писмо, не е единствената која може да создава, не е единствената која како во претходниот систем имаше привилегија да биде корисник на буџетски средства.
Да, убаво живеевте многу години, но системот, за оној кој говорите дека е погубен е поставен врз принципи. Кои принципи? Да тие вам и на вашата група која континуирано ја тера во заблуда македонската јавност, не ви се познати. Но, еве Јас, човекот кој според вас треба да се срами, со големи букви ќе ви ги наведам со цел да бидат запамтени и врежани во вашиот уметнички ум: ЧЕСНОСТ, НЕПРИСТРАСНОСТ, ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ЕТИЧНОСТ, ОДГОВОРНОСТ, ПРИНЦИПИЕЛНОСТ ….
Пред се треба да имате во предвид дека Агенцијата за филм ги финансира сите филмови како и вашиот со средства од буџетот на Република Македонија и притоа мора да се почитуваат законските прописи. Со цел појаснување на тековите поврзани со вашиот проект, ви ја пишувам ви хронологијата на последните процедури за финансирање на вашиот филм.
– Филмскиот проект “Аферата Мис Стон” е одобрен со поддршка од 30 милиони денари на 7.02.2013 година.
– Агенцијата за филм на 10.10.2014 потпиша анекс на пред-договорот за финансирање на филмот со кој се доделени дополнителни два милиони евра за вашиот филм. После тоа продуцентот на вашите филмови Роберт Насков на 6 март 2015 доставува финален буџет за потпишување на договор, на кој Агенцијата за филм на 16 март упатува прашања за образложување поголемите промени во буџетот за да бидат презентирани на Управниот одбор. На тоа продуцентот на 18 март на емаил одговара дека нема да образложува и да ги коментира забелешките на Агенцијата.
– По разгледување на предметот на Управниот одбор, на 26 март 2015 година до продуцентот е упатен допис со кој се укажува на законските прописи кои треба да бидат исполнети од страна на продуцентот.
– Продуцентот доставува одговор на 8 април со кој доставува нова документација и единствен целосен буџет на филмот, кој ќе биде разгледан на првата наредна седница на Управниот одбор на Агенцијата за филм.
Филмот е одобрен пред повеќе од две години и од пред месец и половина ги доставувате финалниот буџет и документи, а агенцијата за филм бара само да се спроведат законските процедури. Токму поради ова не гледам која е целта на ова отворено писмо освен да се направи медиумски притисок со вам познати цели.
За она за кое ме прашувате дали знам за што говорите, за прес конференцијата со Вашата американска продуцентка и продуцентот Роберт Насков, кога го најавивте снимањето на филмот „Аферата Мис Стон’’, да добро се сеќавам! Најавивте американски копродуценти MaxMedia (www.maxmedia.org) кои ќе вложат околу 2 милиони евра и тоа стои и во вашата документација.
Претпоставувам и вие се сеќавате дека на една иста таква прес конференција во 2010 година на ИФФК „Браќа Манаки’’ кога со претставници на Американско-шпанската продуцентска куќа Fish Corb помпезно ја најавивте меѓународната копродукција со „реномираните’’ продуценти кои ќе вложеле 2,5 милиони долари во филмот “Трето полувреме”, која за жал никогаш не се случи. По овој настан, копродуцентите без никакво објаснувања исчезнаа и не беа дел од овој проект. Зошто тогаш не најавивте прес конференција? Е кога останавте без овие продуценти тогаш се обративте повторно до нашата иституција со која и тогаш раководеше за вас неморалниот, срамниот, непочитуван, нереспектиран, малициозен, некомпетентен, плитко образован и ниско интелегентен директор, односно ЈАС. Среќна околност е обезбедување на чешки копродуценти кои инвестираа 117.000 евра, а и Филмскиот фонд одобри уште дополнителни 300.000 евра за да вашиот филм биде достојно завршен и презентиран.
Може повторно да ме обвините дека имам нешто лично против вас, но читајќи ги последните дописи, евидентно веќе не се спомнува повеќе Американската продуцентска куќа MaxMedia (www.maxmedia.org), туку само копродуцент кој според буџетот партиципира со 1.050.900 Евра.
Би сакал да беше поинаку, но начинот на кој вие сакате да работите и живеете е ваш избор. Зарем мислите вашето сегашно однесување е морално!?
Се прашувам како можете да наведувате дека ЈАС „газдувам’’ со државни пари кога во оваа државна институција има тела со чија помош и експертиза се донесуваат објективни одлуки за доделување на финансиски средства за производство на филмови. Очигледно не сте го прочитале или пак неправилно сте го протолкувале оној закон за кои говорите вие и вашите поданици дека е „погубен’’.
ЖАЛАМ ЗА ВАШАТА ОДЛУКА ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ФИЛМОТ „АФЕРАТА НА МИС СТОН„
Одговорно жалам за вашата одлука за повлекување на филмскиот проект „Аферата Мис Стон’’. Одговорно тврдам дека овој проект како проект од национален интерес секогаш имал поддршка од Агенцијата за филм на РМ. Јас ниту за овој, ниту пак за друг проект кој е составен дел од Програмата како директор на Агенцијата не сум заземал негативен став. Мојата одговорност и должност согласно законската регулатива е да се грижам за материјално- финансиско работење и за законитоста и економично работење на институцијата.
Почитуван Дарко Митревски, дозволете ми да ви образложам дека една копродукција за да биде правно официјална потребно е да има договор за копродукција. За една замја да биде копродуцент потребно е да вложи минимум 10% од вкупниот буџет на филмскиот проект, кое се докажува согласно соодветно доставената документација согласно правните и сметководствените регулативи во нашата земја.
Зар Вие и Вашата група поданици, мислите дека е доволна само една прес конференција, дали една институција во државава може да дозволи такво нешто без соодветна документација согласно правниот систем?!
Ви напоменувам дека Вашите лични ставови и убедувања кои се одднесуваат на лица кон кои како што опишувате јас ги попречувам во работата не можам да ги толкувам како заеднички, бидејќи писмото е потпишано само од ваша страна.
Дозволете да ви одговорам на вашите конкретни прашања доставени во отвореното писмо:
– Согласно материјалниот закон и правната регулатива точно се утврдени условите за доставување на доказ за воспоставување на копродукција која потребно е да биде официјална. Материјалниот закон како и сите законски и подзаконски акти еднакво вашат за сите граѓани на РМ засегнати со истиот
– Официјално е дозволено финансирање на национални филмови. Во овој случај Агенцијата за филм може да учествува во финансирањето на проектот до најмногу 70% од вкупниот буџет, додека другите средства продуцентот се обврзува да ги обезбеди од други извори од земјата во кои мора да биде вклучено и сопственото учество на продуцентот кое е утврдено во материјалниот закон.
– Согласно статистичките податоци на Агенцијата во период од 2008-2014 год. се реализирани вкупно 86 филмски проекти од кои 28 долгометражни играни филмови (13 мнозински и 15 малцински филмови), 27 документарни филмови, 24 кратки играни филмови и 7 краткометражни анимирани филмови. Сите овие филмови имале премиера во Република Македонија, а дел од нив се дистрибуирани во киносалите низ Република Македонија каде Агенцијата за филм обезбеди опрема за прикажување на истите. Сите овие филмови имале учество на 754 фестивали и освоиле 131 награда.
Бидејќи вие сте морален човек неправедно е да ги омаловажувате изработените филмови на вашите колеги. За сите успеси на филмовите, како и за вашиот филм, податоците се објавени на нашата веб страна.
– На меѓународните филмски маркети и фестивали секогаш филмовите се презентираат и промовираат на достојно ниво како што наликува на оваа институција. Преку каталози, прикажувања на маркетот и други промотивни материјали кои продуцентот ги доставил до Агенцијата.
– Договорите за финансирање на проектите за производство се изработуваат согласно материјалниот закон и другите акти според кои работи Агенцијата.
На крај повторно изразувам жалење за вашиот пристап и лично толкување на одлуките донесени од Агенцијата за филм , жалење за речникот во кој намерно или ненамерно вметнувате несоодветна терминологија за обраќање најпрво кон ваш колега, а потоа и кон директор кој раководи со институција која е единствена во нашата земја за поддршка на филмската дејност. Искрено жалам бидејќи со цел создавање на забуна кај македонската публика го напоменувате случајот од Еуроимаж кој веќе преку сите надлежни институции е докажан и точно е определено зошто европскиот фонд направи прекин на финансирањето. Ве потсетам дека прекинот не се случи поради преставникот во Еуроимаж од Република Македонија. Доколку ја знаете структурата и начинот на работење на најголемиот европски фонд ќе знаете дека одлучувањето за проектите се врши преку гласање на преставниците од сите земји членки, додека по доделување на проектите договорите се склучуваат помеѓу Еуроимаж и правните лица корисници на средства.
Искрено се надевам дека вашиот вишок енергија, време и нерви кои велите дека сеуште ги имате ќе ги искористите во насока на изнаоѓање на конструктивно решение и начин за реализација на филмскиот проект.
Почитуван Дарко, и покрај сите искажани зборови, навреди и лаги, јас лично како и сите вработени во Агенцијата за филм и понатаму стоиме на располагање за реализација на вашиот филм исто како и за сите останати, доследно, професионално и законски.
Дарко Башески, в.д. директор на Агенција за филм на Република Македонија