Град Скопје по втор пат распиша оглас на кој бара фирма која ќе ја изработи барокната фасада на објектот „Сити Галери“, лоциран на плоштадот „Македонија“. Првиот оглас траеше до 10 септември, но најверојатно поради незаинтересираност на понудувачи, огласот денеска беше распишан уште еднаш и објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки.
И овој пат е проценето дека фасадата, без вклучено ДДВ, ќе чини 2,7 милиони евра, но оваа сума ќе се прецизира по склучување на договорот.
Освен на „Сити Галери“, Советот на Град Скопје во јуни годинава го усвои и новиот изглед и на други објекти во строгиот центар, на зградата „Метропол“ и на уште две згради на улиците Македонија и Никола Вапцаров.
Идејните решенија се во стил на неокласицизам, а проектната документација ја изработија „Инком инженеринг“ од Скопје и „Проинг“ од Битола.
Градоначалникот Kоце Трајановски на седница на Советот одлуката за избор на нови фасади ја објасни со член 67-а од Законот за градењето. Според овој член, на градската власт и е дозволено да избере изглед на објекти ако се утврди дека тоа е од значење за општината.