Во пресрет на последните два квалификациски натпревари од циклусот за пласман на ЕУРО 2020 против Австрија и Израел, македонскиот репрезентативец Енис Барди вели дека овие средби се многу важни и бара во нив да се влезе максимално за да се стигне до позитивен резултат.
Фудбалерот на шпански Леванте смета дека мора да се извлече поука од првиот дуел со Австријците одигран во Скопје.
„Најпрвин, поголема мотивација од тоа што сме тука нема. Ние сме професионалци и играме за да бидеме подобри, а оваа година беше добра за нас, направивме одлични работи и овие два меча можат да ни помогнат да одиме напред. Дуелите кои ни следуваат ни значат многу. Се уште имаме една шанса да одиме на ЕУРО 2020, а тоа е преку Лигата на нации. Мора да бидеме сконцентрирани и да дадеме максимум, а нашата цел е пласман на Европското првенство“, изјави Барди за веб-страницата на ФФМ.
„Мислам дека поразот во Скопје од Австрија беше лош ден за нас, направивме многу грешки. Мислам дека сега сме попаметни и ќе бидеме поконцентрирани. Многу е тешко да се игра против Австрија на нивни терен, тие се силни физички, но оваа наша селекција има многу добри играчи и сметам дека дуелот во Виена ќе биде уште поголема мотивација, зашто тие победија со 4:1 во Скопје, нешто што долго време нема направено ниту една репрезентација“, додаде Барди.
Македонските фудбалери во Австрија гостуваат в сабота, додека на 19 ноември се домаќини на израелскиот национален тим.