Барањето на Касами би можело да биде неприфатливо за Ципрас

by fokus

Барањата на едно од крилата на БЕСА, како услов за поддршка на уставните амандмани, се спротивни на Договорот од Преспа и можат да го срушат. Доколку предлогот на Биљал Касами биде прифатен од премиерот Зоран Заев, тоа ќе значи толкување на Договорот и негова имплементација која не би била прифатлива за грчката Влада предводена од Алексис Ципрас. Но што всушност значи барањето на Касами?

Како што веќе објавија медиумите, за Касами е дискутабилeн делот во уставниот закон што го регулира државјанството. Касами предлага амандман кој ќе гласи „За граѓаните од aлбанската етничка припадност, во прописите и другите акти на државните органи државјанството на македонски јазик ќе гласи „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, на албански јазик ќе гласи „e Maqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore“ и на англиски „macedonian/citizen of Republic od North Macedonia“.

Но зборот „e Maqedonisë“ во превод значи „на Македонија“, наспроти „Maqedonаs“, збор кој Касами го отфрла, а кој на албански има значење „македонски“, но и „Македонец“, поради што Беса тврди дека Албанците не сакаат етнички да се нарекуваат „Македонци“. Решението „е Maqedonisë“ („на Македонија“) би можело да биде проблематично за Ципрас и за грчката страна бидејќи преговарачкиот тим на Грција строго се противеше на употребата на зборот Македонија без географската придавка „северна“. Придавката „македонско“ за државјанството и „македонски“ за народот, е отстапка од грчката страна заради дополнителна заштита на македонскиот идентитет.

Со други зборови, амандманот што го бара Касами би можел да биде неприфатлив за Грција и владата на Ципрас да го отфрли, а со тоа и да не го ратификува Договорот во грчкиот парламент.

Утринава Заев е на нова рунда разговори со Касами како би се постигнало решение за проблемот. Седницата за уставните измени е закажана за во 12.00 часот, па партиските лидери се во трка со времето, или ќе се договорат или Џафери ќе мора повторно да ја одложи седницата.

Поврзани новости