Здравко Савески од политичката партија Левица е повикан на информативен разговор во Полициската станица „Пролече, по што е приведен и ќе биде одведен пред јавен обвинител и судија во предистражна постапка, со барање за определување на мерка притвор, поради учеството во протестите, соопштуваат од Левица.
– За уште тројца наши членови на највисоките раководни партиски органи им се стигнати покани за информативни разговори. Настаните за кои тие се теретат се поврзани со масовните протести на Движењето „Протестирам“ и т.н. Шарена револуција, кои почнаа по срамната и противправна аболиција на Претседателот на РМ. Овие наши видни членови беа и ќе бидат во првите редови на протестите. За нас, ова е очајнички обид на криминалната власт да се пресмета со нашата партија, која поради автентичноста и јасните антирежимски левичарски принципи секојдневно станува се порелевантен играч на политичката сцена“, се наведува во соопштението на Левица.