Банките ќе заработат околу 137 милиони евра, ако сите прифатат одложување на кредитите?

by fokus

Најголем дел од банките во земјава одлучија да дозволат одложување на плаќањето на ратите за кредитите до шест месеци. И ако на почетокот граѓаните беа задоволни од оваа одлука, полека таа станува една од најкритикуваните. Тоа е поради фактот што банките ќе наплаќаат камата за одложувањето на ратите, односно за грејс периодот.

Уредбата на Владата со која се регулира одложувањето, не задира во каматата, па така банките имаат слобода да пресметуваат камата за одложувањето. Ставот на премиерот Оливер Спасовски и министерката за финансии, Нина Ангеловска е дека доколку не се пресметува дополнителна камата за одложувањето, ќе се наруши банкарскиот систем.

Професорот Бранимир Јовановиќ во изјава за Фокус вели дека всушност, банките ќе стекнат дополнителен приход со одложувањето на ратите.

-Се согласувам дека е многу важно да се зачува стабилноста на банкарскиот систем за време на кризава, ама не гледам како одлуката да се пресметуваат камати и за време на грејс периодот придонесува за тоа, затоа што банките тие камати секако ќе ги наплатат откако ќе заврши грејс периодот, односно, откако ќе помине кризата.
Со пресметувањето камати и за време на грејс периодот банките всушност си ги зголемуваат приходите откако ќе помине кризата, односно, на некој начин профитираат од кризава, и затоа мислам дека треба да ја преиспитаат одлукава. Доколку тие самите не се предомислат, сметам дека Владата треба експлицитно, со уредба, да забрани да се пресметуваат камати за време на грејс периодот. Притоа, не станува збор за мала сума на приходи, вели Јовановиќ.

По една едноставна пресметка можеме да заклучиме дека со одложување на ратите за шест месеци и пресметување камата за тоа, банките може да заработат до 137,5 милиони евра. Оваа пресметка се однесува доколку сите корисници на кредити одлучат да ја искористат оваа мерка и да ги одложат кредитите за шест месеци. 

Доколку претпоставиме дека грејс периодот изнесува 6 месеци и пресметката на камати се однесува на сите кредити во државава, дополнителните приходи се околу 137,5 милиони евра (вкупните кредити на банките изнесуваат околу 5,5 милијарди евра, просечната каматна стапка околу 5% годишно, што значи дека за 6 месеци, дополнителната камата е 5,5 милијарди * 5% / 2 (за пола година, односно 6 месеци)).

Катерина Смилева

 

 

 

Поврзани новости