Уредба со законска сила за примена на Законот за банките за време на вонредна состојба со која се утврдува дека за поставување ред и дисциплина при влез во и излез од внатрешноста на деловните единици или простории на банките и штедилниците во кои се примаат клиенти, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба.
Според оваа уредба банките и штедилниците се должни да обезбедат редарска служба при влезот во и при излезот од објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и да не дозволи влез во објектот на лица кои не носат заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот .
– Банките и штедилниците се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците пред и внатре во објектот на растојание од најмалку два метра и тоа пред секој шалтер на кој корисниците пристапуваат за вршење финансиски услуги, како и во дијаметар од 10 метри пред влезот на објектот, соопштија од Влада.
Согласно оваа уредба банките и штедилниците се должни на вработените лица кои работат во објектите или имаат контакт со клиенти да им обезбедат заштитна опрема (ракавици и маски) кои се должни да ги носат во текот на целото работно време.
Уредбата определува дека во банките и штедилниците во исто време, заедно со вработените, не смее да има повеќе од 5 лица во просторија до 50 квадратни метри, – повеќе од 10 лица во просторија од 50 до 100 квадратни метри, повеќе од 15 лица во просторија од 100 до 200 квадратни метри и повеќе од 20 лица во просторија над 200 квадратни метри.