Банките во овој момент нема да ги зголемат каматите на кредитите на граѓаните, иако анализата на состојбата сè уште трае, соопштија банкарите на редовната средба со гувернерот Димитар Богов.
Претседателот на Здружението на банкари Коста Митровски, рече дека размислуваат да воведат поатрактивни камати за денарските депозити, со што ќе вратат и дел од депозитите кои беа повлечени во текот на април кога се шпекулираше со информацијата за девалвација на денарот.
По стравот од девалвација и засиленото повлекување на денарските штедни влогови, во април биле повлечени 1,6% од депозитите на населението или рекордни 58 милиони евра, а централната банка на девизниот пазар реагирила со 77 милиони евра.
Сепак, банкарите убедуваат дека состојбата се стабилизира и веќе се чувствува тренд на враќање на депозитите на штедните книшки.