Нашата семејна компанија изнајми магацински простор во Градски трговски центар, каде се чуваат компјутерски делови неопходни за нашата работа, но најодговорно тврдам и демантирам дека во тие магацински простории се „копаат криптовалути“, реагира Елвис Бајрам, син на покојниот Амди Бајрам, кој долги години беше пратеник во парламентот.
-Нашата компанија е лиценциран правен субјект во земјата која работи со увоз и извоз на репроматеријали за сервисирање и одржување на компјутерска опрема. Неосновани се лагите дека, јас и моето семејство, нелегално користиме струја од ГТЦ. Нашата фирма, како и сите останати деловни субјекти во ГТЦ, секој месец, редовно плаќа одржување и струја согласно нашите договори за изнајмување на деловен простор. Не ја разбирам медиумската хајка на новинарите против нашето семејство Бајрам и воопшто против ромското политичко движење – вели Бајрам.
Тој посочува дека Министерството за внатрешни работи доследно и целосно ја провери информацијата и утврдило дека не се работи за кривично дело.