Американскиот претседател Џо Бајден слета во Полска за да ги види од прва рака меѓународните напори за помош на милионите Украинци што бегаат од војната и да ги посети американските трупи што го зајакнуваат источното крило на НАТО.
На аеродромот Бајден доби извештај за помош на цивилите што бегаат од руските напади, од кои повеќето пристигнаа во Полска. Тој вчера пред новинарите во Брисел изјави дека неговата посета „ќе ја покаже уште еднаш подготвеноста на САД да им помогне на луѓето во и надвор од Украина на хуманитарна основа“.
Бајден подоцна ќе се сретне со членовите на американската 82. воздушна дивизија распоредена таму за зајакнување на источното крило на НАТО. Вечерва, тој ќе отпатува за Варшава и ќе разговара со претседателот Анджеј Дуда. Белата куќа соопшти дека претседателот на САД утре ќе одржи многу важен говор.
Полска се надева дека посетата на Бајден ќе го потврди американското ветување дека алијансата ќе го брани секој сантиметар од својата територија. Варшава исто така сака повеќе американски војници на источните граници на алијансата.