Бајден пристигна во Израел: Се очекува да им постави тешки прашања на израелските лидери

by Fokus

Американскиот претседател Џо Бајден слета во Тел Авив, а таму го пречека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

По излегувањето од авионот, Бајден ги прегрна Нетанјаху и претседателот на Израел, Исак Херцог.

„Добредојдовте, господине претседателе. Господ да ве благослови што ја заштитувате нацијата Израел“, му рекол Херцог на Бајден, соопшти кабинетот на израелскиот претседател.

Бајден денеска дојде во Израел како знак на поддршка за оваа земја во војната против милитантите на Хамас, но и за да покрене „тешки прашања“ во време кога, според Палестинците, најмалку 500 луѓе биле убиени во напад на израелските сили на болница во Газа, што доведе до откажување на неговиот планиран самит со арапските лидери.

Од друга страна, израелската армија (ИДФ) објави дека за експлозијата е одговорна неуспешно лансирана ракета од палестинската милитантна група Исламски џихад, пренесува „Ројтерс“.

Поради ова Јордан го откажа самитот за ситуацијата во Појасот Газа, што требаше да се одржи денеска во јорданската престолнина Аман со учество на лидерите на Јордан, Египет, САД и Палестина, а Белата куќа соопшти дека Бајден нема да патува во таа земја.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас исто така ја откажа средбата со Бајден по експлозијата во болницата.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби изјави дека Бајден ќе постави тешки прашања до израелските лидери за време на денешната посета, но не даде дополнителни детали.

Поврзани новости