Бајден планира да номинира адвокат за министер за здравство

by Fokus

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден планира да номинира адвокат за министер за здравство. Станува збор за адвокат по професија кој е и поранешен конгресмен, Хавиер Бакер, кој е со латиноамериканско потекло, објавија неколку угледни медиуми, меѓу кои и „Њујорк тајмс“ и „Ројтерс“, повикувајќи се на свои извори.

Бакер ќе ја има една од клучните улоги во борбата со коронавирусот во ситуација кога САД се соочуваат со рекордни инфекции со ковид и дневен биланс од околу 2 000 мртви како последица од компликации од вирусот.

Медиумите наведуваат дека изборот на Бакер паднал откако новоизбраниот претседател се соочил со поголем притисок да внесе поголема етничка разновидност во назначувањето на клучните функции во идната федерална влада, меѓу кој и притисокот и поплаките дека нема доволно Латиноамериканци.

Инаку, Бакер во моментов работи како јавен обвинител во Калифорнија, а досега се споменуваше и како кандидат за главен обвинител на САД.

Агенцијата „Ројтерс“, која се повикува на два извора, пишува дека и Бакер и портпаролот на тимот на Бајден за транзиција на власта одбиле да дадат коментар, да ја потврдат или да ја демантираат информацијата.

Бекер бил конгресмен во периодот од 1993 до 2017 година, по што се вратил во Калифорнија за да работи како јавен обвинител. На негово место во Сенатот дојде новоизбраната потпретседателка на САД, Камала Харис.

Се очекува денеска или во текот на неделата Бајден и официјално да ги објави номинациите за функциите во здравството. Досега е познато дека тој го замолил и водечкиот американски инфектолог, кој е на чело на Националната агенција за алергии и инфективни болести, Ентони Фаучи, да му биде главен советник за здравство.

Поврзани новости