Американскиот претседател Џо Бајден не сака конфликтот со Русија околу Украина да предизвика глобална војна, изјави портпаролот на Белата куќа задолжен за национална безбедност Џон Кирби.
Тој го изјави ова само неколку дена откако Белата куќа потврди дека Бајден му дал дозвола на Киев да користи оружје доставено од САД за напади длабоко во Русија.
„Бевме загрижени за ескалација од самиот почеток на оваа војна. И таа загриженост останува валидна“, изјави Кирби за ABC News во неделата. „Претседателот Бајден рече дека не сака да биде одговорен за започнување на Трета светска војна. Ние не бараме конфликт со Русија, уште една нуклеарна сила“, рече Кирби.
Според него, Бајден „ги разбрал сите последици“ од дозволувањето на Киев да користи американско оружје „за одбранбени цели“.
Тој повтори дека на Украинците им било дозволено да гаѓаат само бази, артилериски позиции и други воени локации „кои Русите ги користеле за да создадат некаква тампон зона“.
Белата куќа претходно појасни дека забраната за употреба на ракети ATACMS против цели внатре во Русија не е променета. Меѓутоа, Русија соопшти дека Киев веќе користел ATACMS и друго оружје со долг дострел за да гаѓа цели во Крим, Донбас, како и во регионите Запорожје и Керсон.