Поранешниот американски потпретседател Џо Бајден, кој најави дека ќе се кандидира на претседателските избори во САД во 2020 година, на Твитер изрази силна поддршка за ратификацијата на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО од страна на американскиот Сенат, истакнувајќи дека земјите од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од Европа во целост.
-Силно ја поддржувам одлуката на Сенатот со која се одобрува членството на Северна Македонија во НАТО. Земјите од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од Европа како целина, слободна и во мир и ние треба да ја поддржиме евроатлантската интеграција на регионот, напиша Бајден на Твитер.
Американскиот Сенат во вторникот со огромно мнозинство го ратификуваше Протоколот за членство на нашата земја во НАТО.
Сенатот гласаше со 91 глас „за“ и два „против“ од републиканските сенатори Ренд Пол од Кентаки и Мајк Ли од Јута.
За 9 месеци, Протоколот за членство во НАТО го ратификуваа 25 држави. Остануваат парламентите на Исланд и Холандија и Сенатот во Франција, каде ратификацијата пред неколку дена помина во прво читање. Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние денеска рече дека Ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО во Франција е во тек и процедурата треба да биде завшена до крајот на ноември или почетокот на декември.
Неизвесно единствено останува дали Шпанија ќе успее да го ратификува до Самитот на НАТО закажан за 3 декември во Лондон, поради вонредните парламентарни избори кои се закажани за 10 ноември.