Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, планира на неговиот прв работен ден во Белата куќа да потпише десетици укази и наредби, со кои или ќе се поништат одлуките на администрацијата на Трамп или ќе се „истуркаат“ политиките што беа неостварливи за време на неговото владеење, пренесе Си-Ен-Ен.
Меѓу нив е и одлуката за повторно пристапување на САД кон Парискиот договор за климата и одлуката за укинување на забраната за влез на лица од доминантно муслиманските земји, може да се прочита во меморандумот на неговиот иден шеф на кабинет, Рон Клајн.
Исто така, тука е и прекинот на принудните иселувања и плаќање на студентски заеми за време на пандемијата на коронавирусот, како и воведување на задолжително носење маски во федералните институции, пренесе Си-Ен-Ен.
Клајн во документот потсетува дека Бајден за време на кампањата вети дека на првиот ден на функцијата ќе се занимава со поништување на контроверзните одлуки на администрацијата на Трамп, како и со борбата против пандемијата на коронавирусот.