Денес во Женева ќе се одржи првиот самит на претседателите на САД и Русија Џозеф Бајден и Владимир Путин.
Претседателите на Русија и Соединетите Држави можат да разговараат во четири очи, ако сакаат, а времето на нивните преговори не е ограничено, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Шефовите на држави се шефови на држави. Доколку сметаат дека е потребно да зборуваат во четири очи, тие ќе зборуваат во четири очи и никој не им одредува време на претседателите. Тоа ќе биде апсолутно нивен избор“, рече Песков за Канал еден.
Портпаролот на Кремљ додаде дека станува збор за целисходност.
„Агендата е толку обемна што сигурно ќе биде многу тешко да се ограничите на четири или пет часа разговор“, објасни Песков, пренесува ТАСС.
Тој рече дека фактот што во првичниот распоред не е внесена независна средба меѓу Путин и Бајден не е сигнал дека претседателите не се спремни за таков разговор.
Песков рече дека комуникацијата меѓу двајцата претседатели ќе ја почнат рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Бајден, кој првпат е во Европа откако ја презеде функцијата претседател на САД, пристигна во Швајцарија од Брисел, каде што учествуваше на самитот на лидерите на НАТО и на самитот на Европската Унија и САД.
Пред средбата со Путин, американскиот претседател рече дека Соединетите Држави не сакаат конфликт со Русија, но дека ќе одговорат доколку Русија продолжи со активности што се оценуваат како агресивни.
Бајден го опиша Путин како интелигентен, цврст и „достоен противник“.
Од своја страна, Путин неодамна изрази надеж дека средбата со Бајден ќе помогне да се намалат тензиите меѓу Москва и Вашингтон.
Советникот на Кремљ Јуриј Ушаков оцени дека односите меѓу Москва и Вашингтон се во ќор-сокак и дека состанокот може да помогне за подобрување на ситуацијата.