За време на посетата на Варшава, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин е „касап“ и дека „не може да остане на власт“.
Денеска, Белата куќа се обиде да го поправи Бајден. Од таму истакнаа дека тој не зборувал за промена на режимот во Москва.
-Поентата на претседателот беше дека на Путин не може да му се дозволи да има моќ над соседите или во регионот. Тој не го коментираше владеењето на Путин во Русија или промената на режимот – изјави претставник на Белата куќа за The Wall Street Journal.
Во секој случај, изјавата на Бајден предизвика гнев кај политичарите во Москва. Тоа во Русија е протолкувано како драматичен пресврт во надворешната политика на САД.
Претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин овој настап на Бајден го нарече „недипломатски“ и „хистерија“.
-Бајден е слаб, болен и несреќен – искоментира Володин на мражата Телеграм, додавајќи дека американските граѓани треба да се срамат од својот претседател.
Реагираше и францускиот претседател Емануел Макрон, кој изјави дека вербалниот конфликт меѓу двајцата лидери не е она што сега му треба на светот.
-Мора да се направи сѐ за да се запре ескалацијата на ситуацијата – изјави францускиот претседател за „Франс 3“.