Низакет и Неџо Шабан, чија ќерка Јасмин беше сопруга на светски популарниот музичар Боби Фарел од групата ,,Бони М’’ синоќа во Радишани направија голема прослава по повод педесет и седум годишнината од нивниот брак.
Со многу гости, во свечена атмосфера, со голем број на музичари, Низакет и Неџо ја славеа љубовта која што ја негувале цели шест децении. Иако со години наназад живееле во Виена, Австрија, тие решиле забавата да ја направат во родното Скопје и да ги соберат блиските луѓе на едно место.
-Многу сме среќни што дочекавме да славиме речиси шеесет години заедно, во слога и љубов. Имаме три деца, две ќерки и син и единаесет внучиња. Ќерката Јасмин е позната во јавноста како сопругата на Боби, од неа имаме три внучиња, три внучиња имаме и од другата ќерка, а од синот имаме пет. Радосни сме што се собравме овде сите блиски луѓе, заедно да уживаме и да прославиме. Иако живееме во Виена, Скопје ни лежи на срцето, затоа тука ја правиме забавата – ни раскажа Низакет, која неодамна наполнила 75 години.
Ќерката Јасмин не дошла на забавата, поради работни обврски. Таа била дизајнер и живеела во Германија. Околу тоа која е тајната на долгиот и среќен брак, таа вели дека љубовта и слогата се на прво место.
-Сме поминале многу заедно со Неџо. Имало и добри и лоши моменти. Сме се карале, сме се сакале. Важно е да не се држи лутина, секоја кавга да се надмине бргу и да се продолжи со животот. Ние дури и не почувствувавме кога ни поминаа 57 години во брак – вели Низакет.
Додава дека е презадоволна од расположението на гостите, но и од музичките гости. На забавата им пеела талентираната Васка Јанковска, која што долги години беше дел од оркестарот на Горан Бреговиќ, и ја отпеа култната песна ,,Едерлези’’ во филмот ,,Дом за бесење’’ пееше Милица Кузмановска и многу други пејачи. Веселите гости не штеделе бакшиш, па дури и подот пред музикантите бил послан со банкноти.
Семејството Шабан се најде во светските медиуми во август 1981 година, кога нивната ќерка Јасмин, тогаш осумнаесет годишна, се омажи за Боби Фарел, пејач на популарната диско група ,,Бони М’’ со кого подоцна доби две деца, ќерка и син. Свадбата на деценијата, како што ја нарекле многумина, се случила во хотелот ,,Континентал’’, а младенците биле пречекани од десеттина илјади луѓе. Полициски кордон, многу новинари и фоторепортери, фанови на пејачот и љубопитни граѓани биле дел од турканицата пред хотелот, со цел да го видат најпознатиот скопски зет и атмосферата од церемонијата. Во брак биле до 1998 година. Боби почина на 30 – ти декември 2010 година, во Русија, на 61 годишна возраст. Неговите хитови и денес се актуелни на радио и ТВ станиците.
Вики Клинчарова