Жерновски зел повеќе од 18.000 евра од Министерството за здравство, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски, кој повеќе од година ипол е дел од проектната единица за Клинички центар, добива месечен надомест од 1.000 евра, а проектот со години не мрднува од место – обвини вчера ВМРО-ДПМНЕ во продолжение на својата кампања „Паразити“.

– Жерновски до сега зел повеќе од 18.000 евра од Министерството за здравство, а намената за која што ги зема тие средства не е оправдана. Клинички центар нема, ниту се гради тој во Штип, а тој во Скопје не е ниту во фаза да почне да се гради – изјави Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Опозицијата бара одговор од владата зошто се држи Жерновски на позицијата и зошто му се исплаќаат по 1.000 евра месечно, иако за тоа нема потреба.

– Иста е ситуацијата и со Кире Станкоски, генерален директор на Тутунски комбинат Прилеп, кој зема месечна плата од над 2.000 евра – рече Томовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Томовски, аферата „Паразити“ покажува како група функционери именувани од владата земаат огромни суми пари по основ на плата во време кога имаме економска криза, а притоа не гледаме со што тие ги оправдале овие примања.

Поврзани новости