Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во придружба на Извршниот директор, м-р Антони Пешев, Даниела Михајловска Василевска, менаџер за односи со јавност и м-р Нена Николовска, експерт во Комората, ќе реализира работна посета на општина Кавадарци каде ќе се сретне со градоначалникот Митко Јанчев, раководствата на „Еуроникел“ и на Регионалната комора на СКСМ во Кавадарци.
Посетата, Азески ќе ја искористи да му го честита новиот мандат на градоначалникот Јанчев, долгогодишен претседател на Регионалната комора во Кавадарци, а на средбата ќе се дискутира за врвните приоритети од значење за бизнисот кој ги дефинира Комората како што се: децентрализацијата како основен предуслов за локален економски развој, гасификацијата, патната инфраструктура, урбанизацијата, дуалното образование. За кавадаречкиот регион, во кој доминира металургијата и земјоделско-прехранбениот сектор, не помалку е важна пограничната соработка како модел на поттикнување на серија инвестициски процеси и трансфер на знаење.
Еуроникел е 3-та на листата на топ 100 извозници во 2020-та година, со реализиран извоз од 182 милиони евра и остварени приходи од 188 милиони евра, која произведува висококвалитетен никел во форма на фероникел за употреба во индустријата за производство на нерѓосувачки челик и има над 1000 вработени. Како еден од најголемите работодавачи во државата, со преку 1000 домашни и стотици меѓународни компании во ланецот на снабдување, има значаен придонес во извозната структура на економијата на земјата. Докажана и истакната членка на Стопанската комора на Северна Македонија.
ПР текст