Најголем ризик во моментот е да не се презема никаков ризик во свет што се менува со огромна брзина. Единствена стратегија што е гаранција за неуспех, е воопшто да не се ризикува, порача денеска претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
Како што истакна Азески, Стопанската комора цени дека би било добро Владата да се обврзе дека до крајот на годината нема да воведува нови даноци или други давачки за приватниот сектор.
„Сите знаеме дека тоа во вакви услови е тешко, но мислиме дека е единствено решение, предвидливо поради драстичниот раст на цените, скапата струја, склучените договори за јавни набавки на подолг рок со фиксни цени, пакетот закони со кои се настојуваше да се зголемат работничките права и инфлацијата“, изјави Азески по посетата на компаниите „Пекабеско АД“, „Кадино индустри груп“ и „Гранд експорт“ во Марино и Кадино.
Според него, драстичниот раст на цените, а некаде и недостигот на суровини неопходни за производство, што е проблем во глобални рамки и е незивесен, може да доведе до нарушување на ликвидноста на компаниите, затворање на капацитетите и отпуштање на вработените.
„За компаниите членки на комората, независно од кој регион или од кое здружение произлегуваат, најголем проблем е скапата струја која се набавува на слободниот пазар по берзански цени, поради кои сметките им се зголемени три пати. Договорите, пак, за јавни набавки кај фирмите од различни сектори, склучени на подолг рок со фиксни цени, доведува до проблеми во реализацијата на договорите, но и до неучество на новите. Пакетот закони со кои се настојуваше да се зголемат работничките права и со тоа да се мотивираат вработените полека како да се претвора во кочница на работењето на компаниите, кои и онака се во исклучително тешка ситуација“, објасни претседателот на Комората.
Компаниите, додаде Азески, сметаат дека треба да се засили јавно-приватниот дијалог, и да се избегне носењето закони по скратена постапка.
„Владата да направи максимални напори за да обезбеди енергенси во доволна количина и по секоја цена за да не запре производството, да направи максимални напори за стабилизирање на цените на домашниот пазар бидејќи потрошувачката е исклучително важна, да направи максимални напори да ја одржи ликвидноста на целата економија, а врз основа на сознанијата на реалниот сектор т.е. на капиталот, да издвои и приоритети во и онака скромната акумулација за интервенции на краток рок. Тоа значи, да се држат потиснати на страна инфлаторните очекувања, а средствата да се насочат не хоризонтално, туку вертикално. И ние како и Владата сметаме дека треба да се таргетира помош за ранливите категории, но не за секој и секого како досега“, подвлече Азески.
„Кадино индустри груп“ е семејна компанија со 30-годишна традиција. Ја основал Љупче Ѓорѓевски кој како машински инженер почнал со погон и машини кој сам ги направил. Од тогаш, со поддршка на семејството, континуирано инвестира во проширување и модернизација на компанијата.
„Пекабеско АД“ е една од водечките македонски компании за производство на сувомесни производи, дистрибуција на храна и цигари. Има ладилник со капацитет од 1 000 тони и друг складишен простор од 1 000 тони, поседува 70 најразлични доставни возила што ги користи во дистрибуцијата на храна и вработува 307 лица од најразлични профили.
Гранд фудс корпорејшн (Grand Foods Corporation) е целосно македонска инвестиција во прехранбената индустрија која почна со работа во ноември 2015 година. Специјализирана за производство на кроасани и колачи, формирана е од професионалци со истакнато искуство и знаење. Во продажно-дистрибутивните канали на македонскиот пазар е присутна 30 години зад името „Гранд експорт“. Во фабриката се инсталирани машини, опрема и технологија од најновата генерација на најпознатите германски, италијански и швајцарски производители. Целокупниот процес на производство е автоматизиран, а капацитетот е 200 000 вегански кроасани и суви колачи на ден.