Азески ги промовираше и кадрите на Комората на иднината

by fokus

Во рамките на објавувањето на стратешките промени на Стопанската комора на Северна Македонија, посебен дел беше посветен на размислувањата на младите кадрови, вработени во стручната служба на Комората. Претседателот Азески, пред претставниците на компаниите Алкалоид, Макстил и Некстсенс, но и пред претставници од медиумите јавно дебатираше за размислувањата и предлозите во врска со концептот „Комора на иднината“.

Во своето обраќање Азески истакна дека Комората постојано води сметка за кадровската политика, преку градење свои кадри во изминатите 15 години, резултатите од таа константа се 40 високобразовани кадри, од кои 3 доктори на науки, 18 магистри и 10 експерти од сите области потребни за обавување на коморските активности.

За да се имплементира концептот „Комора на иднината“, претседателот во дискусијата вклучи неколкумина млади, но искусни колеги. М-р Михајло Донев, в.д. оперативен директор за развој, иновации и знаење посочи дека за дa влијаеме кон поголема примена на информациско-комуникациските технологии во компаниите, мораме како Комора да покажеме достоен пример дека и ние постојано се трансформираме во насока на градење на Комора која е агилна и приспособлива преку понудување на соодветна експертиза за своите членки.

Ставот на Даниел Матракоски, соработник во стручната служба на Комората е дека и коморите се менуваат низ текот на времето, пред се за да одговорат на потребите на членките и оттука реинвенцијата, односно преосмислувањето на работата секогаш е присутно на дневен ред.

Матракоски верува дека дигитализацијата е вистинскиот чекор за успех на долги патеки, тој додава дека Комората треба да ги искористи идеите кои се иницираат во време на криза за да излезе како посилен и подобар партнер на бизнис заедницата.

М-р Нена Николовска, експерт во Комората, изјави дека за неа Комората на иднината претставува куќа на бизнисот која долгогодишното искуство го има преточено во иновативност со цел да одговори на потребите на компаниите како врвен приоритет и да продуцира услуги кои ќе го поддржат нивниот раст и развој.

Николовска додаде дека секогаш се води од мотото  „Она што го правиш денес може да гo подобри твоето утре“,  па оттука и „Комората на сегашноста“ ја детерминира „Комората на иднината“, правејќи ја подготвена да одговори на барањата на сите чинители и да го загарантира одбележувањето и на следното столетие.

За тоа дека Комората води сметка за кадровската политика, претседателот Азески го демонстрираше преку примерот на господинот Михајло Донев кој на функцијата в.д. оперативен директор за развој, иновации и знаења доаѓа по пет и пол години работа во Комората на различни позиции од сегментот образование, едукација и работа на проекти.

Како претставник на младата генерација Донев, прави спој на економијата и проектниот менаџмент и преку магистерските студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии се посветува кон примена на проектниот менаџмент во дигитализацијата на малите и средни претпријатија.

Поврзани новости