Автошколите и денеска од 12 до 17 часот ќе бидат паркирани пред Владата. Оваа мерка автошколите ја преземаат сѐ додека не се смени законот кој предвидува снимање на часовите за возење на секој кандидат за возач.
Повеќе од 90 проценти од автошколите во Македонија не работат, а кандидатите за возачи се принудени да чекаат и ги одложуваат полагањата. Од автошколите најавуваат дека нема да ги прекинат протестите се додека не се исполни нивното барање.
– Заложници сме на еден член од законот, проблем за кој не само автошколите и вработените, туку и илјадници кандидати за возачи чекаат решение. До моментов немаме никаков одговор од другата страна, иако до Владата е доставен предлог за одложување на спорниот член за една година. Ние сме онеспособени да работиме бидејќи не ги исполнуваме условите кои се предвидени во тој член – вели Јонче Апостоловски, претседател на Здружението на автошколи во Македонија.
Од автошколите сметаат дека членот кој предвидува снимање на кандидатите за возачи за време на часовите е неуставен, но и технички неизводлив. Имено, станува збор за камери кои тешко се набавуваат, сериозна софтверска техника е потребна за архивирање на сите снимени материјали, огромно количество хард дискови во кои ќе се складира и документира тој материјал, што подразбира и технички лица кои ќе ја извршуваат таа работа.
Протестот на автошколите започна на осми јануари и веќе две седмици се организира речиси секојдневно. За сега имаше обиди од Владата да го одложи спроведувањето на членот од законот, но тоа за автошколите не беше прифатливо, тие сакаат целосно укинување на одредбата која ги задолжува да постават камери во возилата и во просториите за обука.