Емотивната изведба на антологиската песна „Ми заплакало селото Ваташа” на Андријана Јаневска, на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста” разбуди бура од емоции кај јавноста.
Станува збор за песна посветена на 12-те ваташки младинци, убиени од бугарскиот фашистички окупатор во 1943 година, која ја напиша поетот Лазар Манчевски – Пинџур.
Манчевски е роден во Неготино во 1922 година, и починал во Скопје во 1997 година, а во тек на својот живот работел како советник во Работничкиот универзитет „Кочо Рацин“ во Скопје.
Зад себе има десетици објавени книги, а збирката поезија во која е објавена песната „Ми заплакало селото Ваташа” го носи истиот наслов, и датира од 1966 година.
Пред десет години, тој посмртно беше прогласен за почесен граѓанин на Општина Неготино.
Одлуката ја донесе Советот на општината, и на 11-ти ноември 2013 година ова високо признание, во негово име беше доделено на член на неговото потесно семејство.
Симболичниот клуч од градот Неготино на член од неговото семејство, му го врачи тогашниот градоначалник на општината, Ванчо Апостолов.
Покрај неговата песна, за масакрот во Ваташа се напишани уште две песни.
Потресната „Цветови” на Славко Јаневски, која во заедничкиот преформанс со Андријана Јаневска ја рецитираше Игор Џамбазов, но и „Крвава блокада” од Лазо Каровски, составена од 12 песни, посветени на 12-те убиени момчиња.
Вики Клинчарова