Авторка од Македонија со ретка болест сонува за Холивуд

by Fokus

Симона Николова е 28-годишна скопјанка која еден ден сонува да стигне и до сцената во Холивуд во Америка преку нејзиното пишување. Оваа девојка страда од Фридрајхтова атаксија, ретка болест која го напаѓа нервниот систем и срцето, а болеста и била дијагностицирана во 2002 година.

Токму оваа ретка болест ја натерала да се занимава со пишувањето и досега има создадено пет книги, а пишува и сценарија за филмови. Таа за „Фокус“ ја раскажа својата животна приказна.

Благодарение на болеста открив талент кој бил скриен во мене. На почетокот, болеста прогресираше бавно. Како растев јас, прогресијата на болеста беше поголема и токму кога почнав да заседнувам бидејќи заморот беше ужасен, започнав да пишувам“, вели Николова.

Како напреднала болеста, таа морала да се движи со инвалидска количка, а истовремено е разочарана од односот на државата кон неа.

Болеста е всушност физичка состојба. Освен тоа што сега се движам со инвалидска количка и целосно сум зависна од моите родители, ми сметаат тешкотиите со говорот. Мислам дека затоа хартијата ми стана најдобар пријател. Во тишина разговарам во неа и споделувам моменти со неа. Одлично се согласуваме. Многу ниска и мизерна е финансиската помош што ми ја  дава државата и освен тоа, во друго ништо не помага. Жално и срамно е за сите во земјава што страдаат од било каков здравствен проблем“, додава таа.

Во Македонија била одбиена од многу режисери, но Николова не планира да се откаже се додека не ја оствари својата животна желба.

Сонувам да дојдам до Холивуд или Нетфликс. Сценаријата за сапунските серии би ги понудила во тв продукцијата Телевиса- Мексико што ми е сон од малечка. Во филмските сценарија мешам жанрови, претежно се акции, трилери и хорори. Не би било лошо да креирам сценарио од моите книги.Тука кај нас немаат никаков интерес искрено. Одбиена сум од многумина режисери со тоа дека работат со свои сценарија без да ми дадат шанса да биде прочитано тоа сценарио. Во ред, се повлеков. Не инсистирам кога гледам дека е залудно. После извесно време добив емаил од една млада тв продукција од Шпанија и ми ја дадоа таа шанса која толку ја барав кај нас тука. Чекав за да дојде мојот ред за снимање, па моментално чекам подготовки“, вели таа.

За едно филмско сценарио неа и требале три до шест месеци, а за сапунска серија може да е потребно работа повеќе од 10 месеци време затоа што има многу епизоди за пишување. Според неа, писателот треба да е психички добро подготвен за таков залак.

 

Досега имам 5 напишани книги, 6-та книга е во процес и уште две имам во план. Имаше конкурс на Амазон и мој долгогодишен пријател од Мексико инсистираше да напишам книга и да ја прикачам на платформите на Амазон. Приказната за Ана Фостер, односно првата моја книга ја пријавив на конкурс тука кај нас во Македонија. Ме претставуваше издавачката куќа Панали и ни на крај памет дека Министерството за култура ќе ми ја процени со 140.100 денари. За мене беше нешто неверојатно. Големо изненадување. Денес таа книга ја има во книжарниците на Матица“, го заврши разговорот нашата соговорничка.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости