Автопатот Кичево-Охрид – бунар без дно!

Ако се земе во предвид вредноста на договорите и анексите само за изведба, надзор и комплетирање на проектната документација, оваа се уште недовршена автопатска делница досега чини над 620 милиони евра, или околу 11 милиони евра по километар.

by Фокус

Иако првичо беше најавено дека ќе биде готов во 2019 година и ќе чини 411 милиони евра, автопатска делница Кичево-Охрид, долга 57 километри, се уште се гради, а за овој проект досега се потрошени над 620 милиони евра, што го прави еден од најскапите автопати во Европа, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

Според информациите што ги добивме од Јавното претпријатие за државни патишта, основниот договор изнесувал 411,2 милиони евра, но досега биле склучени и 5 анекси. Од сите анекси со кинеската компанија-изведувач „Синохидро“,  само еден анекс предвидува дополнително задолжување за завршување на проектот.

Станува збор за третиот анекс за дополнителни работи, со кој се предвидува задолжување со нови 186,7 милиони евра, На тој начин, вредноста на автопатот во делот на изведбата достигнува 598 милиони евра, меѓутоа треба да се има во предвид дека реалната вредност на овој проект е поголема, кога ќе земат во предвид трошоците за надзор и репроектирање.

Поточно, основниот договор за надзор над изградбата на автопатската делница изнесува 10 милиони евра. Меѓутоа, склучен е и договор за дополнителни услуги кои не се опфатени во основниот договор за надзор, чија вредност изнесува 3 милиони денари.

Дополнително, за комплетирање на проектната документација потрошени се уште 2,2 милиони евра, додека за надзор над комплетирање на градежните работи на автопатската делница е склучен уште еден договор од цели 8,2 милиони евра.

Кога ќе се собере вредноста на договорите и анексите само за изведба, назор и комплетирање на проектната документација, без патем да се вкалкулираат исплатите по основ на експропријација и други трошоци, овој проект досега чини над 621 милиони евра, или еден километар достигнува сума од скоро 11 милиони евра.

Имено, тоа е близу цената по која километар автопат се гради во Австрија, каде се градат најскапите автопати во Европа поради специфичната конфигурација на теренот. Но, оваа сума е далеку повисока од многу примери во соседството, каде автопати се граделе за двојно, па и тројно помалку пари.

Инаку, од Министерството за транспорт и врски ни изјавија дека вкупниот прогрес на градежните работи на целиот автопат е околу 70 проценти. Како што посочуваат од таму, нивните очекувања се проектот да биде комплетиран до крајниот рок, односно заклучно со крајот на следната 2023 година, без притоа да биде дополнително зголемена цената на чинење на автопатот.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости