Министерот за транспорт, Александар Николоски, во интервју за „Фокус“ пред нецели 2 месеци, говореше и за автопатот кон Блаце, откривајќи дека трасата била прецртана во планински дел, каде речиси половина од делницата, според него, требало да минува низ тунели, додека земјиштето во тој дел, како што истакна, преминало во сопственост на функционери на ДУИ.
–Трасата се поместува низ планината и од 13 километри испаѓа 6 километри да се тунели. И проектираната цена, за која има обезбедено средства од Европската банка за обнова и развој, од 171 милион евра, се качува на 240 милиони евра, или ја креваат вредноста за 70 милиони евра, што ќе го направи најскап автопат било каде во регионот, бидејќи еден километар би чинел 20 милиони евра. Тоа е расипничко трошење пари.
Плус, прашање е дали тој автопат воопшто е изводлив? Прво, дали има компанија што може да изведе 6 километри тунели за 4 години? Јас мислам дека нема, со цела почит кон сите. И второ, со што ќе се спои овој автопат на косовска страна, зашто ако се изгради овој автопат и Косово ќе треба да ја пробива планината и да го спои на постојниот пат. Затоа, одлучивме да направиме ревизија на проектот… рече Николоски.
Притоа, тој упати, како што рече, уште еден предизвик, прашувајќи: „Дали на оваа нова траса, во делот што треба да се експроприра, нови сопственици на земјиштето станале одредени функционери на ДУИ во периодот кога се проектирала трасата?“. На нашето потпрашање дали има такви информации и за кои функционери станува збор, тој одговори потврдно и изјави: „За врвот на ДУИ“.
Со оглед на тоа што станува збор за сериозни тврдења, како и имајќи во предвид дека Николоски, премиерот Христијан Мицкоски и други функционери, честопати кога изнесуваат вакви обвинувања, бараат новинарството да се вклучи да ја испита состојбата, се обидовме да ги обезбедиме потребните податоци. Па така, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, испративме барање до ЈП за државни патишта како инвеститор на автопатската делница кон Блаце.
Прво, побаравме информација во која фаза е проектот за изградба на последната делница од автопатот кон Блаце, чија изведба не е започната. Второ, побаравме скица или визуелен приказ од трасата, која, како што беше соопштено во јавноста, била прецртана низ планински дел, при што од вкупно 13 километри 6 километри се тунели. И трето, побаравме податоци за катастарските парцели низ кои минува затекнатата траса од новото раководство на ЈПДП.
Во однос на тоа, единствено добивме краток одговор дека „во моментот проектот за изградба на автопатската делница Скопје-Блаце 10 км е во завршна фаза и се очекува завршната ревизија од Градежниот факултет да биде доставена до инвеститорот“. Арно ама, одговорот не го задоволува најголемиот дел од барањето. Односно, тој може да се однесува само на првото од трите прашања, поврзано со текот на постапката.
Но, со второто и третото прашање се бараат информации за веќе изготвената траса за која се говори во јавноста и од страна на министерот Николоски и од страна на други претставници во власта. Дури, и на нивните искази се реферира во барањето, кое е со цел да се добијат податоци низ кои парцели поминува трасата што новото раководство на ЈПДП ја затекнало од нивните претходници, а за која говорат дека е нацртана низ имот кој претходно завршил во сопственост на поранешни функционери.
Со овие аргументи, се жалевме на одговорот од ЈПДП до второстепената Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, но нема исход од жалбената постапка, бидејќи се уште течат законските рокови. Еден ден откако ја упативме жалбата, се одржа собраниска седница за пратенички прашања, на која министерот Николоски објави кој го купил имотот каде треба да минува трасата. Меѓутоа, тој не спомена лица, туку компании.
Конкретно, Николоски на вчерашната седница посочи дека компаниите „Јубај 2 Амет“, „Фрукта фрута“, „Кадис холдинг“ и „Атлантик ДООЕЛ“ ги купиле плацовите од физички лица, кадешто е предвидено да поминува трасата на автопатот, а плацовите, според него, биле препродавани дури неколкупати. Станува збор за повеќе или помалку познати компании, кои главно се занимаваат со градежништво и транспорт, но ниту една од нив не е во сопственост на „функционери од врвот на ДУИ“.
–Техничкиот консултант, компанијата „Суец“, што била избрана како техничка поддршка во изведба на автопатот Скопје-Блаце, преку писма го предупредувал поранешниот директор на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, дека трошоците за проектот пораснале од 172 на 240 милиони евра оти двапати се правела промена на проектната документација. Истата компанија предупредува дека тунелите се погрешно проектирани и не се проектирани согласно европските стандарди.
Во последниот документ од „Суец“ од септември годинава испратено до новиот директор Коце Трајановски се вели дека намерно тунелите се погрешно проектирани и не се според европските стандарди. Кога би имало тендер што би го распишал Рустеми, само една компанија може да го добие и да гради такви тунели. Но, ниту јас, ниту Коце, ниту премиерот, ниту ЕБРД не се наивни да финансираат криминал. И овие податоци не ги кажувам јас, туку „Суец“, најголемата компанија што го градела Суецкиот канал – рече Николоски на вчерашната седница.
Сепак, реагираа од опозициската ДУИ на Али Ахмети, од каде соопштија дека самиот Николоски во парламентот рекол дека никој од редовите на ДУИ не купил земјиште на патот Скопје-Блаце, како што претходно обвинувал со недели. Како што истакнаа од Мала Речица, тој открил имиња на 4 фирми кои, според нив, за свои потреби купиле земјиште во близина на трасата, а ниту една од нив нема ниту една единствена врска со ниту еден функционер на ДУИ.
„Николоски се демантираше себеси и ВМРО-ДПМНЕ. Секојдневните ретерирања на Владата, како за Коридорот 8, така и за автопатот Скопје-Блаце, покажуваат несериозност и леснотија на ширење лажни вести од самата Влада и владините министри без етнички легитимитет. Граѓаните се убедени дека тврдењата на ВМРО и ВЛЕН треба да се земат со голема резерва, бидејќи тие се предомислија за секое прашање и ги негираа нивните лажни обвинувања“, порачаа „интегративците“.
Исто така, треба да се спомене дека во интервјуто за „Фокус“ Николоски рече дека проектантите од ЈПДП под раководство на Рустеми од ДУИ побарале и по брза постапка добиле мислење од Министерството за животна средина, според кое просторот што претставува природна линија од веќе изградениот автопат на Косово кон Скопје треба да се заштити како „еколошки заштитено подрачје“.
–Кога доаѓате од Косово кон Македонија, дел од автопатот поминува низ река. Еден убав автопат, кој изгледа дека е тежок и скап, но во суштина е евтин, зашто не градите тунели и немате експропријација. По секоја логика, зашто границите се вештачка работа и не се дел од природата, автопатот треба да продолжи по истата линија кон Скопје.
Но, проектантите од Јавното претпријатие за државни патишта под раководство на поранешниот директор Ејуп Рустеми од ДУИ побарале мислење од Министерството за животна средина, кое пак по брза постапка им дало мислење дека тој простор треба да се заштити како еколошки заштитено подрачје и сугерираат да се помести трасата – рече тој.
Затоа, го побаравме ова мислење од Министерството за животна средина, но од таму го добивме следниот одговор: „Ве информирам дека откако ги консултирав надлежните сектори во врска со Вашето прашање, односно Секторот за природа, Секторот за води, Секторот за животна средина и Секторот за просторно планирање, констатирано е дека Министерството за животна средина и просторно планирање нема издадено вакво мислење…„
Инаку, „Фокус“ своевремено ја истражуваше изградбата на првите 2 километри од автопатот кон Блаце, при што беа презентирани податоци за начинот на кој градежниот гигант АД „Гранит“ го доби и изврши првиот милионски договор за изградба на автопатска делница кон Блаце и потоа доби втор вреден тендер за комплетирање на оваа 2 километарска траса, непосредно пред да го продаде хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен.
Во рамки на првата тендерска постапка, ЈПДП, тогаш на чело со Зоран Китанов од СДСМ, и „Гранит“ склучиле договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце на 16.01.2020 година во вредност од 14 милиони евра, кој по 5 измени стасал до 17 милиони евра. На крајот на 2022 година, пак, ЈПДП, веќе предводено од Рустеми од ДУИ, одлучува да спроведе нов тендер за комплетирање на делницата, така што на 24.01.2023 година склучува уште еден договор со „Гранит“ од 11,5 милиони евра.
Патем, огласот за тендерот е објавен на 21.10.2022 година или само неколку дена откако на 17.10.2022 година е запишана промена на сопственоста врз хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка, кој беше опожарен во 2013 година. Имено, имотот за 55 илјади евра го купила компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, која тогаш била во сопственост на Беким Лимани и Хусамеддин Озтурк, а денес единствен сопственик е Лимани.
(АРХИВА) Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?
Првично, компанијата била основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“, Суат Аљија, кој можел да се види како во друштво на функционери на поранешната власт на СДСМ и ДУИ следи фудбалски натпревари, а своевремено бил ангажиран и во Царинската управа. Во една пригода, тој следеше натпревар на стадионот во Чаир со експремиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на ДУИ Ахмети, а на истата фотографија може да се забележи и првиот вицепремиер Артан Груби.
Во таа насока, неодамна се случи еден настан од сосема поинаква природа, кој директно го поврза Груби со „Еуро Ком Лигхтинг“ и нејзиниот моментален формален сопственик Беким Лимани. За потсетување, тоа се случи по опожарувањето на возилото марка „ауди“, кое се испостави дека Груби го позајмил од, како што самиот вели, добриот пријател Лимани. Кога се случи немилиот настан, дел од медиумите известија дека запаленото возило е во сопственост на лицето Бекир Лимани.
Опожареното „ауди“ што го возел Груби се поврзува со фирма за осветлување, која купи хотел на Шапка?
Меѓутоа, „Фокус“ обелодени дека станува збор за Беким Лимани, кој бил заведен според возачката дозвола дека го паркирал „аудито“ тип А6, 3.0 ТДИ, произведено во Германија во 2021 година, во сопственост на „Еуро Ком Лигхтинг“. Тогаш, Груби се бранеше дека повеќе од 3 години нема лично приватно возило.
Кога станал вицепремиер, добил службено возило, па увидел дека не го користи тогашното „ауди“ што го поседувал и го продал за да не губи на вредност. Оттогаш, кога и да му требало возило за приватни потреби, позајмувал од свои блиски, а едно од тие туѓи возила што ги позајмувал и користел било запаленото „ауди А6“″.
Како вицепремиерот Груби управувал „ауди“ А6 старо 2 години, во сопственост на приватна фирма?
Зошто како сопственик е заведено физичко наместо правно лице, кој е формален, а кој реален сопственик на возилото, почна да испитува Јавното обвинителство. Како што соопштија тогаш од таму, јавен обвинител дал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите, а била издадена и наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото. Но, случајот никогаш не беше расветлен!
Влатко СТОЈАНОВСКИ