Доцна синоќа на локалниот пат Тетово – с. Непроштено патничко моторно возило удрило во мече кое го минувалo патот заедно со една значително поголема мечка и уште две помали мечки.
Во возилото кое удрило во мечката се наоѓало локално семејство, татко, мајка и три мали деца. Од ударот сите биле под голем стрес, а децата се здобиле со лесни повреди, информираат од Центарот за управување со кризи.
Мечката во која удрило возилото била повредена, на почетокот безмалку неподвижна, а потоа со ограничени движења. Околу еден час подоцна почнала да се движи и постепено се оддалечила од местото на несреќата
Веднаш откако на бројот 112 добиле пријава за сообраќајна несреќа во која е повредена мечка, ЦУК испрати известување до сите потенцијално надлежни институции, МВР, Државен инспекторат за шумарство и ловство , Министерство за животна средина и просторно планирање, Министетство за земјоделство, шумарство и водостопанство , Факултет за ветеринарна медицина при УКИМ, Ветеринарен институт, Агенција за храна и ветеринарство, Зоолошка градина Скопје , Националниот парк Шар Планина и Македонско еколошко друштво. Екипи на МВР извршија увид и го обезбедија местото на несреќата.
Вчера мечката со двете помали мечиња се наоѓале од десната страна на патот гледано од насока на Тетово кон с. Непроштено, додека повредената млада мечка се наоѓала од другата страна на патот.
-Се работи за урбана средина со повеќе куќи и голема раздвиженост на возила и луѓе поради што ги повикуваме надлежните институции да ги презедат сите неопходни дејствија со кои ќе се гарантира безбедноста на граѓаните но воедно ги повикуваме и невладините организации од оваа област да се вклучат во овој несекојдневен настан и да предложат мерки и постапки со кои ќе им се помогне на повредената млада мечка како и на големата мечка со двете останати млади мечки. Ги предупредуваме граѓаните да го избегнуват движењето на местото на несреќата како и непосредната околина или да бидат исклучително внимателни бидејки се очекува мајката да го бара своето младенче, апелираа од ЦУК.
Утрово екипи на националниот парк Шар Планина извршиле обиколка и пребарување околу местото на несреќата, но не ја нашле ниту мечката, ниту малите мечиња.