Автобусот што се запали додека превезувал војници на АРМ, викендов бил на сервис, велат од Министерство за одбрана

by fokus

Нема повредени војници во инцидентот со автобусот кој се запалил на излезот од Пробиштип утринава, додека превезувал војници на АРМ. Од Министерството за одбрана велат дека штета се брои само во два војнички ранци што останале во навреме евакуираниот автобус.

„Министерството за одбрана жали за случајот со запалениот автобус кој утрово превезувал припадници на АРМ на своите работни места во Скопје, од Пробиштип, Кратово и Куманово. Истовремено ја известуваме јавноста дека во инцидентот не е повреден ниту еден припадник на Армијата. Фирмата која што го врши превозот за кратко време испратила друг автобус, и сите патници пристигнале со мало задоцнување на своите работни места и веќе нормално си ги извршуваат задачите“, соопштија од Министерството.

Како што велат од таму инцидентот се случил околу 6.10 минути изутрина, на излезот од Пробиштип.

„Веднаш штом е почувствуван чадот, припадниците на АРМ од страна на одговорното лице биле повикани да го напуштат автобусот и го напуштиле. Во автобусот останале само два војнички ранци. Според првичните сознанија, автобусот бил носен на сервис во текот на викендот. Согласно Договорот, ги исполнувал условите кои што се побарани во тендерската документација, има потврда за исполнување на посебни техничко-експлоатациони услови издадена на 1.02.2018 година со важност до 1.02.2020 година, бил од марката „Марбус“, производство 2007 година и го исполнува стандардот ЕУРО 4“, додаваат од таму.

Како што велат од Министерството, припадници и стручни лица на Воената полиција веднаш излегле на терен за да ги утврдат околностите под кои се случил настанот. Од фирмата која го обезбедува превозот Министерството очекува да биде извршена анализа на случајот со цел да не се повтори.

Фото: Нетпрес

Поврзани новости