Автобусот на „Беса транс“ којшто изгоре во Бугарија и во којшто настрадаа 45 патници прикажувал фалсификат извод од лиценцата за вршење јавен превоз.
Ова произлегува од соопштението на Царинската управа која соопштува дека цела година, односно во периодот од 15 октомври 2020 година до 11 ноември 2021 година автобусот бил евидентиран на повеќе гранични премини, но бил евидентиран и извод за меѓународен превоз.
-За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува, се вели во соопштението.
Министерството за транспорт и врски соопшти пак дека автобусот го нема во нивната евиденција дека има лиценца за меѓународен транспорт, иако другите автобуси на оваа компанија имаат вакви лиценци.
По направените проверки Царинската управа излезе со информации за автобусот и со одлука дека ќе бидат суспендирани двајцата цариници кои биле на смена и кои не го евидентирале автобусот дека излегол, а санкција ќе има и за нивниот раководител.