Дваесет и шест патници се повредени откако синоќа автобус излета од пат кај магистралниот пат Крива Паланка – Ранковце.
Бугарскиот возач Љубомир И. Лазаров (48) синоќа околу 22 часот, изгубил контрола врз автобусот кој го возел, а во кој имало 43 патници, по што возилото излетало од магистралниот пат Крива Паланка – Ранковце. Автобусот удрил во дрво, а од ударот потешко се повредени пет патници, додека 21 задобиле полесни повреди. Полицијата утринава извести дека сите повредени биле пренесени на лекување во болницата во Крива Паланка, но ниту еден од нив не е во животна опасност.
Повредени се згрижени во здравствениот дом во Крива Паланка. Според првичните информации од оваа институција, помош на повредените се укажувало во текот на целата ноќ, повредите се санирни и немало потреба повредените да се проследуваат во друга здравствена установа.
– Дел од пациентите се со тешки повреди. Едниот со скршеница што треба да се решава оперативно, но операцијата не бара итност, две се до скршеници на клучната коска и на ребрата, што исто така не се оперира туку се третираат конзервативно, додека четвртиот пациент е со скршеници на прешлените на рбетниот столб. Овие пациенти се во стабилна здравствена состојба и со транспорт што го организира бугарскиот конзулат ќе бидат префрлени во Бугарија на понатамошно лекување – објаснуваат од здравствениот дом Крива Паланка за медиумите.