Австрискиот вирусолог Кристоф Штајнингер смета дека животот како што беше пред пандемијата на коронавирусот повеќе нема да биде возможен.
Во изјава за виенскиот дневен весник „Пресе“, Штајнингер вели дека психологијата кај луѓето се променила за време на примената на епидемиолошките мерки.
Никогаш повеќе нема да се прифати некој да внесе вирус на грип во болниците или десетици илјади луѓе кои не биле вакцинирани, или прележале ковид или се тестирани, да можат да бидат едни покрај други на концерт. Повеќе нема да се чувствуваме добро во такви ситуации, потенцира експертот од Медицинскиот универзитет во Виена, пренесува Танјуг.
Тој тргнува од фактот дека населението ќе мора да се навикне на „нови мерки“, да води живот што на многу начини наликува на претходниот начин на живеење.
-Нема да можеме да ја контролираме пандемијата само со вакцината, предупредува Штајнингер.
Во однос на вакцината, австрискиот вирусолог вели дека треба да помине уште многу време пред Австрија целосно да се отвори бидејќи засега десет проценти од светската популација е целосно имунизирана.
-Патем, мора да сметаме на нови мутации, кои можат да ја заобиколат вакцината. Ние сме во трка, во која можеби нема да победиме, иако го имаме вистинскиот инструмент во наши раце со вакцините, рече Штајнингер.
Тој смета дека се потребни „други столбови“ за одржлива борба против пандемијата и посочува дека се потребни рутински тестови за пристап до одредени места, но и за утврдување на нивото на антитела, со цел да се дознае повеќе за статусот на имунитет на популацијата.
Тој е убеден дека обврската за носење маски ќе остане уште долго време, особено во областите каде што не е можно да се држи дистанца и каде што е тешко да се контролира дали некој е вакциниран, третиран или тестиран, како што се такси-возила, хотели или јавен превоз.