Австрија ќе ги казнува по 7.200 евра невакцинираните

by Fokus

Австриските жители кои ќе одбијат да се вакцинираат против Ковид-19 од февруари, кога ќе бидат задолжителни, ќе се соочат со парични казни до 7.200 евра, открива нацрт-законот за вакцинацијa во Австрија.

Задолжителната вакцинација ќе важи за сите оние кои имаат постојан престој во Австрија.

Според нацрт-регулативата што ја виде австрискиот весник Die Presse, се изземени само оние кои не можат да се вакцинираат поради здравствени причини.

Во нацртот останува отворено дали ќе бидат задолжителни и бустер вакцинациите или пак оздравените ќе бидат подеднакво третирани со вакцинираните, што дополнително ќе го дефинираат министерските уредби.

Секој што ќе одбие да се вакцинира ќе биде повикан кај органите на окружната администрација. Доколку двапати ја игнорираат поканата, ќе бидат казнети со парична казна од 3.600 евра. Доколку нивното прекршување на законот за вакцинација против Ковид ги стави другите лица во „сериозен ризик“ или ако продолжат да ја игнорираат наредбата, ќе бидат казнети до 7.200 евра.

Предлог-законот ќе биде претставен на 6 декември.

Поврзани новости