Измените на Кривичниот законик, односно интервенцијата во членовите 353 и 394, во делот на намалувањето на казните за функционерите обвинети за злоупотреба на службената положба, се однесуваат на тоа да се намали бројот на судските постапки.
Воведени се поблаги казни, но за сметка на тоа дадовме акцент на членот 98-а кој предвидува проширена конфискација, вели заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ во интервју за Топ тема.
Таа смета дека пократката застареност на делата ќе влијае на тоа судиите и обвинителите побрзо да ги завршуваат предметите.
„Не само што ќе работат побрзо, туку застареноста ќе биде пократка. И верувам дека кај судиите и обвинителите ќе се развие поголема свест дека побрзо треба да ги завршат (н.з. предметите за член 353 за злоупотреба на службена положба). Кога Вие имате застареноста да Ви трае 10 или 20 години, предметите стојат во фиока, кога застареноста е 5 години, предметите ќе завршат за година дена“, рече Аврамовска-Мадиќ.
Во однос на тоа дека многу предмети кои сега се водат против поранешни функционери ќе застарат, заменик-министерката рече дека тоа се шпекулации од експерти и новинари.
„Досега се што слушнавме од експертите и новинарите беа шпекулаци. Обвинителството не излезе и не кажа кои предмети ќе застарат“,
Таа демантираше дека зад измените во Кривичниот законик стои скриена агенда за гласање на уставните измени и потенцира дека функционерите нема да бидат исклучени од другите кривични дела.
Аврамовска-Мадиќ одговори и зошто министерот за правда не ги бранел измените пред пратениците.
„Со министерот секогаш ги делиме обврските и кога тој е на службен пат јас го заменувам. Законот за академија за судии и јавни обвинители целосно сама го бранев во Собранието бидејќи министерот имаше други обврски и водеше друга агенда“, рече Аврамовска- Мадиќ.