Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги отфрла како неточни и тенденциозни наводите со кои Телевизија 24 се обидува да создаде впечаток во јавноста дека Агенцијата незаконски ги доверувала изработките на студиите за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за телевизија на надворешни субјекти и дека со тоа ги злоупотребувала своите законски надлежности.
Ова доаѓа откако вчера попладне од ТВ 24 објавија дека поднесуваат кривична пријава против Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, како и спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата.
„Студиите се стручно изработени и се засноваат на релевантни стручни и методолошки основи. Тоа што нивните наоди и резултати не одговараат на очекувањата и интересите на ТВ 24 Вести не може да биде причина оваа телевизија во континуитет селективно да презентира одделни факти и околности и на тој начин да ја доведува јавноста во заблуда за постапувањето на Агенцијата. Ваквото однесување е спротивно на основната обврска на медиумот да ја информира јавноста точно, целосно и објективно.
За целосно и точно информирање на јавноста, потребно е да се појасни дека Агенцијата и во претходни години, спроведувала постапки за набавка на услуги за изработка на студии, согласно Законот за јавните набавки. Овие постапки беа предмет на ревизија од надлежна институција без при тоа да биде утврдена слабост во постапувањето на Агенцијата. Истите, беа и предмет на неколку судски постапки иницирани од ТВ 24 Вести, при што во претходните постапки Управниот суд ја потврдил законитоста на постапувањето на Агенцијата.
Оттука, неточни и неосновани се наводите дека самото ангажирање на надворешни субјекти за изработка на студии претставувало незаконско постапување. Напротив, во претходни постапки, и Управниот суд и Вишиот управен суд потврдиле дека ваквото постапување на Агенцијата било во согласност со закон“ соопштуваат од АВМУ.
Во однос на поднесената кривична пријава за директорот на АВМУ – Зоран Трајчевски велат дека „Агенцијата нема да прејудицира постапки што се во надлежност на други институции. За нив, можат да одлучуваат исклучиво надлежните институции, во соодветна постапка и врз основа на утврдени факти и докази. До тогаш, изнесувањето на неосновани квалификации за наводна вина или незаконско постапување претставува прејудицирање и неоправдано нанесување штета на угледот на Агенцијата како независно регулаторно тело“.