Класифициран документ со ознака „доверливо“ кој бил создаден по внатрешна ревизија направена во Македонски Телеком, треба да биде обезбеден за наредното рочиште за случајот „Маџар Телеком“. Ова барање е на обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, бидејќи таа овој документ го пронашла во списите на предметот, но во копија, кој од непознати причини не бил предложен како доказ во тогашното обвинение, поднесено од редовното обвинителство.
-Сведокот Стевица Јосифовски, кој како претставник на Македонски Телеком, на записник од сослушување во 2009 година изјавил дека во тек е независна внатрешна истрага одобрена од одборот на директори на компанијата, па по внатрешната истрага ќе можел да се произнес.
Кон обвинителниот акт во 2013 година Јавното Обвинителство не доставило ваков извештај од независната внатрешна ревизија. Сепак при разгледување на списите од предметот кои ги добивме од Обвинителството, утврдивме дека во предметот, во копија, се наоѓа документ „Статусен извештај за македонската фаза од независната истрага“, изготвен во мај 2008 година.
Овој извештај бил доставен до ревизорниот комитет на Маџар Телеком и се однесува на договорите кои се предмет на обвинителниот акт и даваат слика за она што било утврдено од независните ревизори. Бидејќи овој документ постои во Македонски Телеком бараме од судот да го задолжи полномошникот на компанијата да го достави на наредното рочиште, рече обвинителката Лиле Стефанова, која додаде дека документоте е класифициран како доверлив, поради што рече дека е потребно да се направи преквалификација.
Како што неофицијално дознаваме, овој документ бил разгледуван од тогашниот обвинител Марко Зврлевски, но нејасно е зошто тој не бил предложен како доказ.
Денешното рочиште се одложи бидејќи сведокот Јовица Јосифовски не се појави поради здравствени причини.
В.В.