Аца Лукас убедливо води пред Груевски, Мијалков и Вучиќ: Тој петнаесет, тие по една тетоважа!

by Fokus
Дури петнаесет обожаватели на српскиот турбо фолк пејач Аца Лукас направиле тетоважи на делови на телото со неговиот лик, или пак со стихови од неговите песни.

Горд поради тоа што бил нечија инспирација за тетоважа, тој направил посебен албум на својот официјален Фејсбук профил, каде ги објавил сите тетоважи, а под речиси секоја од нив му честита на обожавателот кој ја направил и дели комплименти.

Пејачот кој е често на мета на критики поради својот слободен начин на живот, но и поради стилот на музика кој според многумина е кич, очигледно дека е доста попопуларен од српскиот претседател Александар Вучиќ. Тетоважа со презимето и иницијалот на претседателот за која се знае во јавност, лани направи неговата обожавателка Тијана Станимиров, активистка на СНС, и студент на Висока школа за стручни студии за воспитувачи.


За ,,Фокус” младата девојка тогаш изјави дека се истетовирала исклучително поради љубов и почит кон претседателот и како е горда и задоволна. Во Македонија музичари чии имиња и ликови се истетовирани на телата на нивни обожаватели речиси и да нема. Освен обожавател на Тоше Проески, кој пред неколку години го истетовира неговиот лик, не е познато дали и ликот или пак стиховите на некој друг музичар биле инспирација за нечија тетоважа.

Но, затоа пак, од страна на политичарите, честа да красат нечие тело, во вид на тетоважа, ја имаа побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски и притворениот поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков. За нивните големи поддржувачи ,,Фокус” пишуваше уште пред неколку години. Ликот на Мијалков, но и на неговиот син Јордан се дел од тетоважите кои ги има штипјанецот Ангеле Зафировски, познат во јавноста како Бате Геле.

Според него, Мијалков му помогнал околу лекување, па затоа тетоважите му изгледале како најсоодветен начин да ја покаже својата благодарност и верност. Неготинчанецот Мирче Ризов пак, го истетовирал ликот на Никола Груевски и неговото име и презиме. Кога пред три години за јавноста ги покажа тетоважите, ни изјави дека ги направил од љубов и не очекувал ништо за возврат. И во светот, многу често се случува големи фанови на музичари да прават тетоважи со нивни ликови или пак со логото на некој познат бенд.

Политичарите ретко кога биле инспирација за уметнички дела исцртани на нечие тело, посебно во развиените земји. Од тетоважите на јавни личности во регионот, кои се јавно покажани, барем до сега, убедливо води Аца Лукас, пред српските, но и наши политичари и музичари. За неговите фанови во Македонија, тој ќе одржи предновогодишен концерт на 29-ти ноември, во ВИП Арена Борис Трајковски.


Вики Клинчарова


Поврзани новости