Невозможно е медиумска писменост во општество каде медиумите се корумпирани, уценети и купени од политички елити, вели министерот Поповски

by fokus

Медиумската писменост бара плодна почва во општеството. Невозможно е медиумска писменост во општество во кое медиумите се корумпирани, уценети и купени од политички елити.

Ова го изјави Роберт Поповски, министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност на денешната 14-та меѓународна конференција на тема „Медиумски писмени граѓани за отчетни институции“, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“.

-Како силни застапници на концептот „отворена Влада“ што во себе ги обединува комуникациите, транспарентноста и отчетноста, постојано имаме предвид да создаваме услови за да бидат исполнети функционално трите идеални улоги на медиумите што можат да имаат огромно влијание врз доброто владеење, транспарентноста и одговорноста, рече Поповски.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски смета дека дигитализацијата е една од главните механизми за институцијата да биде потранспарентна, поотчетно да работи, но и граѓаните да добијат поголема можност да бидат контролен механизам на самите институции.

-Во денешно време новите технологии и дигитализацијата овозможуваат и многу поголемо учество на граѓаните во креирањето на политиките, така што овој тип на конференција особено тоа што Метаморфозис го прави навистина им помага на институциите со анализите и со дебатите кои ги имаат. Заклучоците од дебатите ни даваат насока на каде да се движиме во напорите за дигитализација. Тоа е прилично скап потфат што ќе трае и затоа мора да ги имаме сите информации и да имаме максимално можен консензус меѓу сите чинители во општеството за да бидеме ефикасни во овој поглед, рече Манчевски.

Поврзани новости