Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Во секоја изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ во последните пет парламентарни изборни циклуси, владата ги бара гласовите на граѓаните преку промоција на нови проекти, со акцент на патната инфраструктура, односно со изградба на автопати, регионални и локални патишта. Секој од тие проекти е со точно и прецизно наведени рокови, динамика, начин на реализација и финансиска рамка. Но, дали ветувањата се исполнети?
Доволно е само да се отвори последната изборна програма позната под името „Реално“, распослана на повеќе од 500 страници, а предвидена за последните парламентарни избори што се одржаа на 11 декември, 2016 година. Во неа се издвојува доизградбата на започнатите три најголеми инфраструктурни проекти, автопатите Штип-Миладиновци, Демир Капија-Смоквица и Охрид-Кичево. Исто така, во програмата се наведува и дека владата планира да отпочне изградба на три нови автопати од Гостивар до Кичево, од Скопје до Блаце и од Требеништа до Струга.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во периодот додека беше премиер тврдеше дека со изградбата на овие три автопатски делници со вкупна должина од 132 километри и финансиска конструкција од 790 милиони евра се гради европската патна карта, со што и се овозможува на Македонија да се најде на централната позиција на Балканот. Според него, изградбата на само трите автопати претставува инвестиција од над една милијарда евра. Досегашната пракса покажува дека, од анализата на изборните програми може да се забележат големи разлики меѓу предизборните ветувања на партијата на власт и постизборната реалност.
Според досега предвиденото, од автопатите во првите неколку години од владеењето на ДПМНЕ се изгради само делницата од Коридорот 10, во должина од 7 километри автопат од Куманово до Табановце, а сѐ уште трае изградбата на последниот неизграден дел од овој коридор, потегот од Демир Капија до Смоквица.
За првпат, оваа автопатска делница на „дневен ред“ беше ставена пред 13 години, уште во далечната 2004 година, кога мандатарот Владо Бучковски, во своето прво обраќање пред пратениците тврдеше дека овој автопат, но во должина од 34 километри, ќе чини околу 150 милиони евра. Тоа беше прв, но и последен пат во неговата кратка премиерска кариера да се спомене оваа автопатска делница. Затоа, пак, овој автопат повторно стана актуелен во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, па проектот експресно се најде во партиската изборна програма.
Меѓутоа, партијата на власт одлучи да го смени проектот, односно трасата патот и да го заобиколи Валандово, а на тој начин автопатот стана пократок за шест километри, но затоа поскап за речиси 120 милиони евра. Зошто Владата избра толку висока понуда, со оглед на тоа дека во 2007 година, на владина седница беше презентирано дека автопатот ќе биде во должина од 26,8 километри и ќе чини 155 милиони евра, или за 100 милиони евра помалку!?
„Фокус“ се занимаваше со изградбата на оваа автопатска делница, која за целиот овој период ја следеа низа корупциски скандали, сомнежи за проневера и перење на пари, за што доволен доказ се и неколкуте покренати истраги, за да се испита како биле трошени европските пари, со оглед на тоа што овој проект во најголем процент е кредитиран од европските фондови.
КИЛОМЕТАР АВТОПАТ НА ДЕМИР КАПИЈА-СМОКВИЦА ЧИНИ 9,1 МИЛИОНИ ЕВРА!
Пред пет години, на Денот на независноста, 8 септември 2012 година експремиерот Груевски заедно со дел од владиниот тим фрлија по една лопата асфалт, со што ја означија изградбата на автопатската делница Демир Капија- Смоквица во должина од 28,2 километри како дел од паневропскиот Коридор 10. Според проектот, трасата поминува по тежок терен, низ бројни насипи и засеци, а предвидено е да има два двоцевни тунели со должина од околу 1.200 метри, шест мостови со должини помеѓу 100 и 500 метри, две клучки, пет надвозници и седум подвозници. Крајниот рок за изградба на овој автопат е мај, 2017 година, што значи дека за еден месец делницата мора да биде завршена. Барем според првично предвидените планови.
Не помина многу време по најавите за изградба на автопатот, експресно „пукнаа“ и првите проблеми. Во тој период низ медиумите се појавија разни сомневања за регуларноста при планирањето и изградбата на автопатот, од начинот на кој е избрана победничката фирма како најповолен понудувач, па се до незадоволството кај домашните градежни компании, кои уште на стартот беа исфрлени од игра, затоа што не ги задоволувале строгите услови поставени од страна на странските финансиери на проектот.
Но, да почнеме по ред. На тендерот што во август, 2011 година го објави Министерството за финансии конкурираа 15 странски компании и конзорциуми, од кои две грчки компании, две шпански, четири италијански, три австриски, две турски и по една германска и кинеска компанија. Критериумите на конкурсот беа сменети во последен момент, односно престана да важи условот компаниите кои конкурираат да имаат реализирано сличен проект вреден 250 милиони евра, или најмалку 60 отсто од проект чија што вкупна вредност исто така е 250 милиони евра. Според новиот услов се воведе построг критериум, односно изведувачот требаше да докаже дека реализирал проект тежок над 250 милиони евра, односно 250-те милиони да се 60 отсто од неговата вкупна вредност. Во целата приказна остана нејасно, дали критериумите намерно беа сменети во последен момент, се со цел од игра да биде исфрлена италијанската фирма „Тото“, чија понуда беше за 40 милиони поевтина, односно беше најповолна и изнесуваше 182 милиони евра. Сепак, на крајот тендерот го доби грчката градежна компанија „Актор“.
Вкупната инвестиција за изградбата на оваа делница од 28 километри е 257 милиони евра, од кои 130 милиони евра се средства од Европската инвестициона банка, 70-тина милиони се заем од Европската банка за обнова и развој, 45 милиони се грант од ИПА фондовите на Европската унија, додека од државниот буџет се обезбедени речиси шест милиони евра. Вредноста на тендерот, односно на договорот со грчката компанија без ДДВ е 210 милиони или со ДДВ 248 милиони евра.
Ако се направи проста математика може да се дојде до заклучок дека еден километар автопат во овој случај чини 9,1 милион евра што е навистина висока цена, но ако истиот автопат го градеше италијанската компанија, тогаш еден километар автопат би чинел 7,7 милиони евра.
Слободно можеме да заклучиме дека сумите се многу високи во споредба со изградбата на автопатиштата во регионот. Така, на пример, според бугарските медиуми, автопатот од Софија до Струма, до грчката граница, ќе биде долг повеќе од 173 километри и ќе чини 1,1 милијарда евра, односно еден километар Бугарите ќе ги чини 6,4 милиони евра. Северно од Бугарија, блиску до нејзината граница со Србија, официјален Белград гради автопат, исто така со грчки „Актор“ бидејќи оваа компанија била најевтина на тамошниот тендер од другите 11 компании. Доста комплицираната делница со 14 моста, долга само 12,6 километри, „Актор“ ќе ја изгради за речиси 38 милиони евра, или за три милиони евра по километар.
Пред седум години, во 2010 година, Министерството за транспорт на Романија воведе и стандардизација, според која, километар автопат во рамнина не би требало да чини повеќе од 3,86 милиони евра, додека автопатиштата на ридските места биле проценети на 5,05 милиони евра. Оние во планинските места, пак, се најскапи и можеле да достигнат цена од 6,1 милиони евра.
ДОПОЛНИТЕЛНИ 16 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НАДЗОР И СКЛУЧЕНИ ДОГОВОРИ НА БЈН
Единствената домашна компанија која како подизведувач е вклучена во изградбата на делницата е ГД „Гранит“ АД Скопје. Грчки „Актор“ за овој амбициозен инфраструктурен проект го избра македонскиот градежен гигант за производство, транспорт, вградување и набивање на асфалт на дел од коловозот на автопатот.
Според истражувањето на Призма, фирмата „Гранит“ досега беше ангажирана во повеќе владини проекти, а „лапна“ и од бизнис колачот за проектот „Скопје 2014“. Така, од изградбата на овој проект во периодот од 2009 до 2015 година, „Гранит“ инкасирал над 120 милиони евра, а во меѓувреме стана и еден од најголемите тендерџии во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, на чело на овој градежен гигант веќе долги години е Страшо Милковски, како и членови на неговото потесно семејство. Тој е познат по тоа што на времето беше пратеник од редовите на СДСМ, а сега стана еден од главните бизнис соработници на владеачката партија.
За надзор на автопатот Демир Капија-Смоквица задолжен е конзорциумот составен од француската фирма „Егис Интернационал“ и италијанската „ИРИД инженеринг“, за чии услуги се обезбедени дополнителни 9 милиони евра. Сепак, информацијата за реалниот трошок на овој проект е евидентна од веб страницата на Секторот за централно финансирање и склучување договори, под капата на Министерството за финансии, каде што се гледа дека двата склучени договори – за изведба и надзор изнесуваат вкупно 219 милиони евра, што е за 69 милиони евра помалку од обезбедените средства преку заеми и грантови.
Автопатската делница се гради според проектот што Јавното претпријатие за државни патишта го нарача во 2009 година од австриската компанија „ИЛФ Бератенде Ингениеуре“. Според тоа што можевме да го најдеме на интернет, ИЛФ компаниите им помагаат на своите клиенти успешно да ги извршат комплетните индустриски и инфраструктурни проекти и спаѓаат меѓу водечките светски градежни фирми во областа на нивните основни експертизи. Главните канцеларии на ИЛФ се во Инсбрук, Австрија и во Минхен, Германија, а има повеќе од 30 подружници низ целиот свет. Постојано се вработени над 1.810 луѓе со цел да се развијат и да се извршат проектни решенија за меѓународни клиенти. Сите ИЛФ компании се сертифицирани со ISO 9001.
Според податоците на Бирото за јавни набавки, првиот договор со оваа фирма е склучен на 25 март, 2009 година за изработка на основен и изведбен проект за постигнување на автопатско решение во вкупна вредност од 5,5 милиони евра, додека вториот договор со истата фирма е склучен девет месеци подоцна, на 25 декември, во вредност од 688.237 евра, како единствен понудувач.
Освен со оваа фирма, Јавното претпријатие за државни патишта пред една година склучува уште еден договор, но овојпат со „Градежниот институт Македонија АД“ за изработка на проектна документација за наплатни станици на трите автопатски делници. Според податоците на БЈН, договорот бил склучен на 11 март, 2016 година, во вредност од 374.146 евра, а како главен критериум се наведува најниската цена.
Главниот сомнителен тендер за изградба на делницата што го добива грчката компанија „Актор“, што е дури за 40 милиони евра поскап од понудата на италијанската компанија Тото. Во ваков случај, кога се работи за огромна разлика во сумите на пари мора веднаш да реагира Државната комисија за спречување корупција што за „Фокус“ го потврдува и поранешниот антикорупционер Драган Малиновски. Според него, сознанието дека договорот за изградба на автопатот го добила фирма која немала најповолна понуда на тендерот морало да предизвика експресна реакција на ДКСК, со која во тоа време, во 2012 година управувала Љубинка Корабоска, која што е позната по тоа што неславно го заврши мандатот и предвреме беше тргната од антикорупционерското столче, а во нејзино време не се отвори ниту еден случај против функционери од власта.
– Вредноста на зделката не дозволува никаква толеранција, па ДКСК морала да ги расчисти сите дилеми кои се појавија во јавноста. Поради затвореноста на институциите, јавноста немаше можност да се запознае со деталите од реализацијата на оваа делница од автопатот, но информацијата дека од една домашна банка беа извлечени околу три милиони евра во кеш од сметката на „Актор“, претставува силен индикатор за незаконски активности – вели Малиновски.
СЕ ПЛАЌАЛЕ БОГАТИ ПРОВИЗИИ, ЗА ДА СЕ ДОБИЕ ТЕНДЕРОТ?
Уште непочнати градежните активности, големата инвестиција се претвори во корупциска афера, која доби и меѓународни размери. Во 2014 година „пукна“ скандалот што прв го обелодени опозицискиот СДСМ, од каде што тврдеа дека владини функционери се вмешани во наводен криминал преку изградбата на оваа автопатска делница.
Според опозиционерите, кои објавија и документи, во 2013 и 2014 година, дури 95 лица, повеќето грчки државјани, од сметките на „Актор“ во рок од десет месеци извлекле 3,5 милиони евра во кеш, преку 278 трансакции. Според нивните информации, грчките државјани организирано со автобус доаѓале во Неготино и во присуство на директорката Атина Зиога, грчка државјанка, го подигале кешот, а потоа, според СДСМ, тој кеш го оставале во земјава, бидејќи границите ги напуштале со празни џебови.
Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски во СДСМ тврди дека до моментот додека пукнал овој корупциски скандал, биле повлечени 3,5 милиони евра на уплатени 32 милиони евра или околу 11 отсто од банка во Македонија.
– Овој податок доволно кажува дека тие пари можеби се користени како плаќање на провизија за добиениот тендер за изградба на делницата Демир Капија-Смоквица. Самиот факт што грчки Актор го добил тендерот со понуда поскапа за 40 милиони евра од второрангираната фирма доволно зборува за скандал од огромни размери. За овој мега скандал треба сериозна истрага од институциите на системот во државата – истакна Бочварски.
Поранешниот антикорупционер Малиновски, пак, вели дека самиот чин на вадење толкави износи во готовина од сметката на „Актор“, упатува на заклучокот дека во позадината на таа операција нешто не е во ред.
– Првата помисла е дека станува збор за перење пари и сомневање за корупциски акт, но сето тоа морало да биде докрај истражено. Се разбира дека во истражувањето на случајот најповикано е Јавното обвинителство, кое во соработка со Управата за финансиско разузнавање, МВР и останатите надлежни институции мораше да даде одговори на сите сомнежи – вели Малиновски.
Од друга страна, одговори на прашањата за улогата на ДКСК во оваа афера и на службен мејл и преку барање според слободен пристап на информации побаравме и од Антикорупциската комисија, која во моментот ја раководи Игор Тантуровски, но од таму не добивме одговори.
Во меѓувреме, во македонските надлежни институции, случајот се уште тапка во место, па во јавноста нема никакви информации што точно се случувало со преносот на парите И најважното прашање – дали некој воопшто ќе сноси кривична одговорност за овој случај, што тресе дури и на меѓународно ниво? Иако обвинителството, според нашите информации располага со богат материјал за истрага, сепак од таму не отворија очи и не видоа никакви сомнежи за криминал и корупција.
Под притисок на јавноста, обвинителите отворија предкривична постапка, но оттогаш досега поминаа три години, а случајот „Актор“ остана затворен во фиоките на Основното јавно обвинителство. Во тој период, јавниот обвинител Марко Зврлевски сметаше дека степенот на сомнеж бил на најниско можно ниво, но сепак тврдеше дека продолжиле да „истражуваат“. „Фокус“ веќе неколку недели се обидува да стапи во контакт со Јавното обвинителство за да ни кажат до која фаза е стигната истрагата за случајот „Актор“, но од таму цело време нѐ игнорираат. Досега двапати испративме прашања на службениот мејл на оваа институција, но не успеавме да добиеме никаков одговор.
На иста бранова должина се и во Управата за финансиско разузнавање, задолжена за спречување на перење пари, од каде што пред четири години излегоа со информации дека уште во ноември, 2012 година отвориле предмет по добиените првични сознанија. Тоа што е чудно во целата приказна и остава простор за сомнеж за работењето на оваа институција е што само за еден месец откако почнале да работат на случајот, дополнително во филијалата на банката во Неготино се направени уште осумдесетина нови трансакции, во вредност од 1,2 милиони евра. Преку барање спореден слободен пристап до информации поставивме неколку прашања и до Управата, за да ни кажат со какви документи располагаат околу случајот „Актор“, постојат ли спорни трансакции и можни злоупотреби и кои од доказите ги доставиле до Основното јавно обвинителство. Но, од таму исто така не добивме одговори на ниту едно од нашите поставени прашања.
Во целиот овој случај беше вмешана и Народната банка на Македонија, од каде што лани, во истото време гувернерот Димитар Богов тврдеше дека нивните служби го испитале случајот „Актор“ и не дошле до информации за спорни трансакции. Од друга страна, ние исто така, преку барање според слободен пристап до информации се обративме до НБРМ, од каде што добивме одговор, дека банката не е надлежна за супервизија на правни лица, кои не се основани како финансиски институции, што е сосема спротивно од одговорот на гувернерот.
– Според Законот за НБРМ, Народната банка врши супервизија на банки, штедилници, друштва за издавање електронски пари и други финансиски институции. Народна банка не е надлежна за вршење супервизија на правни лица, кои не се основани како финансиски институции. Записниците од извршената супервизија и преземените мерки претставуваат класифицирани информации, кои може да бидат обелоденети во случаите со Законот за Народна банка на Република Македонија – се наведува во одговорот од оваа институција.
Целата оваа неажурност и нетранспарентност на македонските институции остава просто за сомнеж дека или не си ја вршат работата како што треба, или пак нешто кријат!?
ЕВРОПСКИТЕ ИСТРАЖИТЕЛИ ЈА „ЧЕШЛААТ“ МОЖНАТА ЗЛОУПОТРЕБА НА ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ
Тврдењето на опозицијата дека грчки државјани од сметките на „Актор“ извлекле 3,5 милиони евра предизвика бурни реакции во Европа, со оглед на тоа што дури 85 отсто од парите се дадени од европските фондови, додека само 15 отсто се македонски пари. Оваа афера веќе две години тресе на меѓународно ниво, за што официјално ни потврдија и од Европската канцеларија за истраги на измами со европските фондови (ОЛАФ). Од таму проверуваат како македонската влада ги потрошила парите, од кои поголемиот дел се дадени од европските фондови.
Според информациите на „Фокус“, истрагата е покрената за да се провери дали функционери од власта зеле провизија, за тендерот да отиде во рацете на грчки „Актор“, со оглед на тоа што со многу поевтина понуда во последен момент беше елеминирана италијанската компанија „Тото“.
Откако „пукна“ аферата „Актор“, сопствена истрага отвори и Грција, но документите дали има криминал и што се сѐ случувало ги чешлаат и европските истражители од ОЛАФ. Иако тие веќе една година работат на случајот, сепак за нив најважно е да докажат како се трошеле европските пари, дали имало провизии и во чии џебови завршувале парите. Од ОЛАФ отворија истрага за тоа како Македонија ги трошела парите од претпристапната помош на Европската унија. Се претпоставува дека истрагата на ОЛАФ е насочена кон функционери од актуелната власт, со оглед на тоа што изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица е проект почнат за време на нивното владеење со државата. Инаку, во периодот од 15 до 19 февруари лани, финансиската полиција доставила докази до оваа европска институција, која повеќе од една година го истражува случајот.
Стапивме во контакт со канцеларијата на ОЛАФ, од каде што ни потврдија дека се уште го истражуваат случајот, кој предизвика бурни реакции и на домашно и на меѓународно ниво.
– Бидејќи истрагата е во тек, не можеме да дадеме било какви понатамошни коментари. Ова е со цел заштита на доверливоста на тековните и можните следни истраги, следните судски постапки, лични податоци и процедурални права – вели за „Фокус“ Клаудија Ковер од Европската канцеларија против измами (ОЛАФ) на Европската комисија.
Од таму не сакаа да откриваат повеќе детали, но како што тврдат нашите соговорници, ОЛАФ е тело кое спроведува истраги и не изрекува казни. Според информациите кои можевме да ги најдеме на интернет, ОЛАФ спроведува истрага и потоа поднесува извештај и дава препораки. Пораките можат да бидат од четири вида: финансиски, кои ги упатува до институциите, телата и агенциите на ЕУ или земјите членки кои ги доделуваат или управуваат средствата, за поврат на средствата; правосудни – ги упатува до националните тела на земјите членки и бара да земат предвид судски дејства; дисциплински – до телата на ЕУ кои имаат овластувања за дисциплински постапки против службениците на ЕУ; административни – до институциите, телата и агенциите на ЕУ за да се изнајде решение за некои проблеми во законодавството или постапката за поуспешна борба против измамите.
На темата што би се случило доколку истрагата на ОЛАФ покаже дека македонски функционери се вмешани во корупциски скандал и како би се одвивала целата процедура понатаму, разговаравме со Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко Свест“. Таа тврди дека доколку европските истражители утврдат проневера на пари, тие подготвуваат извештај со препораки, кој го доставуваат до Европската комисија.
– Во зависност од наодите, доколку е утврдена проневера, ЕК ги побарува средствата назад. Двете европски банки работат синхронизирано во овој случај со ЕК. Од друга страна, доколку се утврдат криминални дејствија на национално ниво, извештајот ОЛАФ го доставува до надлежните национални институции за решавање на случајот во национална правна рамка – тврди Чоловиќ-Лешоска.
На тапет на оваа европска институција пред две години се најде и Украина, сметајќи дека големата корупција во оваа држава може да биде закана за средствата добиени од Европската унија. Од таму инсистираа дека Украина мора да се справи со нивото на корупција бидејќи постојат сомневања дека парите од европските фондови можат да се злоупотребат.
Во март, 2015 година беше објавен извештајот за Грција на Работната група за поткуп при Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во кој се оценува спроведувањето на Конвенцијата за борба против поткуп на странски јавни службеници во меѓународните бизнис трансакции на ОЕЦД од страна на Грција.
На страницата 11 од извештајот под тековни случаи на поткуп е наведен случајот со Коридорот 10 во кој се наведува дека грчка градежна компанија наводно понудила поткуп на официјални претставници од „БЈРМ“ за да го добие договорот вреден 270 милиони евра за изградба на автопат во таа земја.
– Градежните работи почнаа во септември 2012 година. Грчката компанија го доби договорот, иако нејзината понуда беше значително повисока – околу 40 милиони евра, од понудите на конкурентите. Вклучени се филијала на грчката компанија во „БЈРМ“ и поединци од Грција. Овие информации за можен поткуп во Македонија од страна на грчката компанија „Актор“ првично биле детектирани од страна на Работната група за поткуп при ОЕЦД од објавите во македонските медиуми во текот на 2014 година – се наведува во извештајот.
Во извештајот, исто така пишува дека во тек е истрага во Грција за поткуп во странство и перење на пари. Грција побарала правна поддршка од Македонија во јуни 2014, но сé уште не добила одговор, а во меѓувреме побарала помош за олеснување на постапката од Европскиот оддел за правна соработка (Eurojust).
Од истата организација, инсистирале од Грција да покаже дека води сериозна истрага, но тоа не можеле да го побараат од Македонија, со оглед на тоа што таа не е членка на работната група на ОЕЦД, против давање поткуп во меѓународни бизнис трансакции.
МОЖНО ЛИ Е ДА СЕКНАТ ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ ЗА МАКЕДОНИЈА?
Во март, 2014 година откако Јавното обвинителство покрена преткривична постапка за случајот „Актор“ беше донесена времена мерка за блокирање на имотот и сметките на двете трговски друштва во Македонија. Во тој период, од Управата за спречување на перење пари беше доставен извештај до ОЈО за сомнителни трансакции, што беше повод за блокирање на сметките. Но, за неколку месеци сето тоа се промени, особено откако Зврлевски процени дека за овој случај има недостиг на докази и материјали, при што експресно беше одблокирана сметката на грчката компанија.
– Од тој момент нема информации за повторно блокирање на сметките на „Актор“, но и воедно нема никаква информација од страна на јавниот обвинител, кој во тој период изјави дека до мај, 2014 година истрагата ќе заврши и ќе се изготви извештај, кој јавно ќе се објави – додава Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“.
Оттогаш досега, поминаа цели три години, но случајот „Актор“ остана затворен во архивите на Основното јавно обвинителство. Целиот овој молк и нетранспарентност на надлежните институции остава простор за сомнежи дека нешто се крие, односно дека од самиот почеток на објавувањето на тендерот досега се правеле матни зделки. Дали сето тоа може да повлече секнување на европските пари, со оглед на тоа што финансирањето на овој проект е претежно од европските фондови?
– Македонија ризикува да загуби големи средства помош од ЕУ за изградба на инфраструктура токму поради неодговорното работење на владата предводена од ДПМНЕ. Да ве потсетам, лани загубивме околу 100 милиони евра, пари наменети од ЕУ за инфраструктура. Дополнително, лани на бизнис форумот на ЕУ во Париз, Косово, Србија и Албанија добија околу 150 милиони евра за инфраструктурни проекти. Ни таму не бевме ниту спомнати што преставува уште една опомена за Македонија од страна на ЕУ, после која директни последици ќе имаат нашите граѓани – тврди Благој Бочварски од СДСМ.
Исто така, пред два месеци, медиумите објавија дека Македонија загубила два милиони евра од европските фондови наменети за финансирање на проекти на локално ниво. Се работи за пари кои требало да се употребат за студии за проекти за изработка на пречистителни станици во општините Кавадарци, Гостивар и Дебар. Според пишувањата во медиумите, Брисел ги откажал парите затоа што биле пробиени роковите за евалуација.
Како што поминува времето, така се наближува и рокот за завршување на оваа автопатска делница. Според временската рамка, проектот мора комплетно да биде завршен до крајот на 2017 година, иако во договорот пишува дека крајниот рок за завршување на градежните активности е 31 март, 2018 година.
Од Јавното претпријатие за државни патишта во изјава за „Фокус“ тврдат дека изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица е во завршна фаза.
– Заклучно со март, 2017 година, изведувачот на работите има завршено околу 90 отсто од градежните работи на автопатската делница. Според темпото на работа, очекуваме градежните работи да завршат кон крајот на мај, 2017 година – се наведува во одговорот од Јавното претпријатие за државни патишта.
Во целиот период додека се градеше, оваа автопатска делница беше придружена со скандали. Пред точно една година стотина вработени во грчката фирма „Актор“ штрајкуваа поради неисплатени плати.
– Вработените си ги бараат парите, работиме по десет саати, две недели секој ден. Значи, јас сум аргатин, секој месец потпишувам анекс за минимално осигурување. Празниците ги истеравме без пари, а грците си земаа пари во кеш – тврдеше во тој период еден од вработените во „Актор“.
ГРЧКИ „АКТОР“ МЕТА НА СКАНДАЛ И ВО СРБИЈА
Грчки „Актор“ крена прашина и на Балканот и своите проблеми со пробивање на роковите ги пренесе и во регионот. Само неколку години по скандалот во Македонија, сега истата фирма е мета на истражување на медиумите во Србија. Грчката градежна компанија која работи дури на четири делници на Коридорот 10 ги пробила сите рокови за изградба на овие автопати, а Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура во Србија не е задоволно од динамиката на работа на фирмата.
Според пишувањата во медиумите, „Актор“ ги пробива роковите на сите делници на кои работи. Изградбата на делницата Црвена река – Чифлик доцни четири години, а во декември 2015-та „Актор“ ја предаде делницата без завршен слој асфалт и доби дополнителен рок од една година. Делницата Банчарево – Црвена река требаше да биде готова во март 2014, но до денес не е готова. Исто така, оваа градежна фирма работи и на делниците Станичење-Пирот, како и на обиколницата околу Димитровград.
Понатаму, како што пишуваат српските медиуми, министерството на грчки „Актор“ му платило повеќе од 23 милиони евра само за дополнителни работи.
– Утврдено е дека „Актор“ не ги изведува градежните работи на сите четири делници истовремено, дека нема доволно работници, механизација и опрема, а ни материјали потребни за работа. Тоа доведе до доцнење и кршење на договорените рокови, постојани барања за додатни авансни плаќања, оштета и плаќање за набавка на материјалот под изговор за забразување на динамиката за изведување на работите – пишува во извештајот.
Работата на оваа градежна компанија ја замеша и политиката, па така изградбата на четирите делници во Србија беше тема на разговор во четири очи на почетокот на февруари и на средбата помеѓу српскиот премиер Александар Вучиќ и грчкиот Алексис Ципрас.
Грчката компанија „Актор“ стана една од најпознатите фирми во регионот во последните четири до пет години. Во нејзиното богато работно портфолио можат да се додадат сите пропусти во работата, сомнежите за злоупотреба на пари, пробиените рокови… Инаку, директорот на „Актор“, Леонидас Боболас е под лупа и на грчките власти. Тој во 2015 беше уапсен за финансиски криминал, а грчките органи го товареа за перење пари и даночно затајување. Боболас веднаш беше пуштен на слобода, но според грчките медиуми тој се уште е трн во око на органите кои се занимаваат со финансиски криминал.
Како и да е, времето ќе покаже кога ќе се изгради оваа автопатска делница, но затоа пак, никогаш нема да се заборават скандалите кои ја следеа за време на сите градежни активности. Како и по традиција, надлежните институции во Македонија молчат, но европските истражители веќе длабоко се навлезени во истрагата – почнувајќи од тоа како фирмата изведувач победила на тендерот и дали добиената цена е реална, па се до тоа дали имало проневера и злоупотреба на европските пари. Македонсите институции не „најдоа“ материјал за истрага, но затоа, пак, Европа ги засука ракавите. Па, да видиме дали и овојпат ќе им помине, како се досега!
Рамка1:
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии
ДЕМИР КАПИЈА-СМОКВИЦА Е НАЈГОЛЕМА ДУБИОЗА НА ВЛАДАТА НА ДПМНЕ
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии вели дека автопатот Демир Капија – Смоквица е една од најголемите дубиози на владата на ДПМНЕ и дека тој проект требало да заврши одамна, со оглед што бил ставен уште во првата изборна програма на ДПМНЕ.
– Таа фирма „Актор“ го доби тендерот, иако беше поскапа за 40 милиони евра. Имајќи предвид дека се злоупотребени пари и цело време се молчи околу тоа, во иднина ќе излезат многу малверзации и покрупни злоупотреби кои ќе направат само штета на државата – тврди Хајредини.
Рамка2:
Ванчо Узунов, професор
НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА НАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ РАБОТАТ
Ванчо Узунов, професор вели дека како ќе се одвива целата истрага зависи од доказите, но факт е дека трансакциите оставаат траги и тоа може да се провери, само ако се сака.
– Проблем со сите такви сомнителни зделки е тоа што ние не знаеме што точно има. Постојат големи сомнежи и потребно е многу работа, но не сум сигурен колку нашите институции имаат капацитет и желба да откријат, а судовите колку ќе сакаат случајот да има разврска – истакнува Узунов.
Рамка3:
Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ
„АКТОР“ ПОВТОРНО СЕ ОБВИНУВА ЗА НАВОДЕН ПОТКУП НА МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИЦИ
Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски во СДСМ тврди дека не очекува истрагата во Македонија да започне, а уште помалку да заврши.
– Истрагата на ЕУ преку европската канцеларија против измами ОЛАФ, според информациите што ги имаме е во тек. Ќе биде погубно за Македонија доколку се докаже дека се направени проневери на европските средства. Нашите информации се дека овде има огромна проневера на пари. Но, да оставиме да покаже истрагата во наредниот период. Стана нормално за оваа влада во секој покрупен проект да има индиции за криминал. Но, скандалот не завршува овде, градежната компанија „Актор“се обвинува во Грција за наводен поткуп на официјални претставници во Македонија токму за да го добијат договорот вреден 271 милиони евра – додава Бочварски.