Атина изненадена и загрижена по текстот што го испрати Владата на Заев како одговор на спогодбата

by fokus

Грчките телевизии во синоќешните централни изданија на вестите, имаа вклучувања во живо од Скопје, по повод пристигнувањето на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, на аеродромот во Скопје, јави дописник на МИА од Атина.

– Климата во пресрет на разговорите би рекол дека е чудна. Постапката на скопската страна оддеднаш  да прати текст со забелешки, на два дена пред средбата, предизвика загриженост во Атина, затоа што тоа не беше предвидено од процесот за кој се договорија двајцата премиери во Давос.

„Овој текст како да беше напишан од самиот Груевски, затоа што ги содржеше сите радикални позиции на скопската страна“, објави грчката државна телевизија ЕРТ, повикувајќи се на дипломатски извор, во јавувањето на нивниот новинар од македонската престолнина.

-Се покажа дека во двата текста од Атина и Скопје, постојат важни разлики, а главниот „трн“ е Уставот. Грција смета дека по секоја цена треба да има уставна ревизија и да се смени уставното име затоа што само така ќе важи ерга омнес. Скопјаните, пак сакаат двојна формула, рече новинарката на ТВ Антена.

„И двајцата министри сакаат да најдат решение, но не е лесно. Дознаваме дека 20 страници е грчкиот предлог, пет страници се скопските одговори. Се согласуваат само за името, а Горна Македонија е предлогот што преовладува. Не се согласуваат за Уставот, за идентитетот“, јави новинарката на грчката телевизија Стар, во директното вклучување од скопскиот аеродром.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текст под наслов „Историско слетување на Коѕијас на аеродромот во Скопје“, пишува дека министерот за надворешни работи на Грција, бил топло пречек особено од македонските телевизиите од ПЈРМ на снежниот аеродром во Скопје.

Грчката телевизија Скај, пак, со комплетно спротивен коментар, Коѕијас не бил пречекан од официјален претставник на македонското МНР.

– Би рекол дека преовладува смрзнатост и ова не се однесува на ниските температури во Скопје, туку студот се однесува на пречекот и на климата во која пристигна министерот за надворешни работи. Говориме за прва посета со директен лет од Атина за Скопје, но немаше ниту едно официјално лице од скопската влада, ниту министерот за надворешни работи на Скопје, ниту некој друг, само бирократи од МНР, коментираше новинарот од грчката ТВ Скај, во јавувањето од Скопје, објави МИА.

Грчките новинари коментираат дека денешниот ден е особено важен, бидејќи по маратонските средби во Скопје ќе се разјасни дали има поклопување на позициите на двете земји во пресрет на состанокот со медијаторот Нимиц во Виена, следниот петок.

 

Поврзани новости