Македонската Алијанса изразува загриженост за денешната средба во Атина меѓу највисоките претставници на владејачката партија ДУИ со Грчкиот шеф на дипломатијата. Од таму сметаат, дека без разлика што оваа посета на Грчкото МНР, беше најавувана како редовна партиска активност на ДУИ, тајмингот и околностите за ваква средба се погрешно избрани.
Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски вели дека државата веќе подолг период се наоѓа во политичка криза чија конечна разрешница се очекува на предвремени парламентарни избори во април.
– Ние како сериозна држава, во вака чувствителен период не смееме самите да влијаеме или да потхрануваме креирање на погрешна перцепција или донесување на погрешни заклучоци. Во неколку наврати предупредивме дека нашите моментални внатрешни слабости можат да бидат злоупотребени за евентуален нов притисок за да направиме некакви отстапки во нашите позиции во ирационалниот и наметнат спор за името – тврди Атанасоски.