ВМРО на чело на 9, СДСМ на 7, а ДУИ на 4 собраниски комисии

by Фокус

На денешната парламентарна седница треба да се екипираат собраниските тела и органи, откако пратениците ќе ја усвојат предлог-одлуката за избор на претседатели, заменици и членови на собраниските комисии, потпишана од Илија Димовски како претседател на парламентарната Kомисија за избори и именувања.

Покрај оваа комисија, спроед предлог-одлуката, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе застанат на чело на уште 8 собраниски работни тела, меѓу кои и комисиите за надзор над работата на УБК и АР и за надзор над спроведувањето на ПИМ за следење на комуникацииод страна на МВР, МО, Управа за финансиска полиција, Царинска управа, со кои ќе претседаваат Трајко Велјановски и Емил Димитриев.

Притоа, од редовите на оваа партија, Антонијо Милошоски ќе биде претседател на комисијата за надворешна политика, Влатко Ѓорчев за труд и социјала, Лилјана Кузмановска за финансирање и буџет, Лилјана Затуроска за транспорт и врски, Даниела Рангелова за еднакви можности на жените и мажите и Љупчо Димовски за земјоделство.

Како е што познато, неодамна се формираше законодавно-правната комисија и комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците и за образование и наука, на чело со Петре Шилегов, Александар Кирацовски и Петар Атанасов, поради потребата итно да се изменат неколку закони поврзани со одложувањето на локалните избори и продолжувањето на мандатот на градоначалниците и советниците.

Исто така, социјалдемократите и нивните предизборни коалициски партнери ќе претседаваат со уште 4 комисии, меѓу кои за мандатно-имунитетни прашања, за одбрана и безбедност, за економски прашања и за култура, чии претседатели, спроед истиот редослед, ќе бидат Павле Богоевски, Максим Димитриевски, Горан Милевски и Ирена Стефоска.

Најголемата албанска партија и во парламентот и во владата – ДУИ, пак ќе застане на чело со комисиите за уставни прашања, за европски прашања, за локална самоуправа и за здравство преку Талат Џафери, Артан Груби, Џевад Адеми и Мирсада Емини – Асани.

На тој начин, ВМРО како политичка партија со предизборните коалициски партнери ќе претседаваат со 9 комисии, или две повеќе во споредба со СДСМ, меѓутоа партиите од парламентарното мнозинство (СДСМ + ДУИ) заедно ќе бидат на чело на 11 комисии, а тие заедно имаат мнозинство во сите комисии.

Поврзани новости